Јапонското Министерство за надворешни работи упати протестна нота до рускиот амбасадор во таа земја, Михаил Галузин.
Причината е приведувањето на јапонскиот конзул во Владивосток, Мотоки Татсунора.
Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши изјави дека Русија ја прекршила Виенската конвенција и дека потегот на Москва е „целосно неприфатлив“, пренесува јапонската новинска агенција Кјодо.
Министерот додава дека Токио бара извинување, бидејќи приведениот дипломат никогаш не бил вклучен во незаконски активности.
Сепак, според руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), конзулот бил фатен на далечниот исток на земјата додека добивал доверливи информации за ефектите од западните санкции врз руската економија.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека приведениот јапонски дипломат е прогласен за „персона нон грата“ и му е наредено да ја напушти територијата на Руската Федерација во рок од 48 часа.