24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
fon der lajen
СВЕТ

Волк го задави понито на Лаен: Ќе го убијат затоа што е „проблематичен“

Германските власти дозволија да биде застрелан волкот што го задави понито на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

Волците и другите големи месојади се под строга заштита според Директивата на ЕУ, што значи дека нивното убивање е забрането. Сепак, фармерите во земјите и регионите каде што има изобилство на волци предупредуваат дека нивната растечка популација претставува закана за земјоделството и локалните заедници.

Пони Доли бил нападнат од волк во септември додека пасел со други коњчиња од семејството фон дер Лaен во близина на Хановер.

Властите во Хановер соопштија дека волкот, покрај коњчињата, задавил и 12 овци и крави, што било потврдено со ДНК анализа, пренесе „Еурактив“.

Портпаролот на градот Хановер изјави дека во случајот со волкот е побарано изземање од законот за заштита на волците и големите месојади. Тој волк, како што се наведува, спаѓа во категоријата „проблематични“, што значи дека полесно се добива дозвола за лов.

Според германскиот закон за заштита на загрозените видови, „проблематично“ е животното кое постојано напаѓа добиток или на друг начин покажува дека не е способно за коегзистенција.

Урсула фон дер Лаен неодамна во писмо до германските европратеници од групата на Европската народна партија (ЕПП) изјави дека Европската комисија треба да го разгледа заштитениот статус на волците.

Таа не го спомна своето пони, но, како што јави агенцијата ДПА, напишала дека Комисијата го „препознава“ проблемот со зголемувањето на бројот на волци бидејќи „се повеќе има извештаи за напади од волци врз добиток и зголемениот ризик за луѓето“, напиша првиот човек на Комисијата.

Европратениците од групата на ЕПП, чиј дел е и Фон дер Лаен, бараат ревизија на заштитениот статус на волците и другите големи месојади, како што се мечките и рисовите.

Кон крајот на ноември, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се бара да се намали статусот на заштита на волкот за да се помогне сточарството.