16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Мицкоски: Рушењето споменици на револуционери е слепа политика на омраза

Речиси и да нема ден, а да нема некој скандал приреден од Владата. Граѓаните се чувствуваат неспокојни и свесен сум дека таа несигурност ги обесхрабрува и удира врз нивното достоинство, изјави денеска претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, последниот таков чин е рушењето на споменикот на македонскиот револуционер Андон Ќосето.

„Можете ли да замислите каква е таа политика на омраза со која се посега по рушење паметници на револуционери само затоа што не се изградени од актуелната власт – омраза што заслепува. Рушењето споменици, секако, не е активност со која се занимава една просперитетна влада чии погледи се кон иднината, тоа е чин што го практикуваат ретроградни сили, како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан“, вели Мицкоски.

Тој додава дека сè што е изградено е направено да им служи на македонските граѓани и дека секој паметник останува за историјата и е израз на почит кон личностите што оставиле трага.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека не смееме да станеме држава што се срами и ги нагрдува своите херои.

„Едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото што го заслужува, а исто така ќе дојде ден и кога оние што ова го прават ќе се срамат за своите постапки и во тоа ве уверувам. Сето ова е дел од сценариото за дефокусирање од вистинските теми, а ниските страсти треба да ги покријат прашањата на кои, за жал, нема одговор“, вели Мицкоски.

Тој смета дека власта треба да даде одговор на прашањата зошто има под 50 проценти реализација на планот 369, зошто граѓаните по речиси 9 месеци, немаат подобар стандард, повисоки плати, пензии, зошто стечајците немаат решено статус, зошто нема проекти во образованието, инфраструктурата и здравството. Според него, тоа се клучните проблеми од кои се дефокусира вниманието на јавноста.