24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вела: Србија ги тера Србите да ги напуштат косовските институции, тоа потсетува на Донбас 2014

„Србија ги тера и ги охрабрува косовските Срби да ги напуштат своите работни места во косовските институции“, напиша на Твитер Блерим Вела, шефот на кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, реагирајќи на одлуката на Србите да ги напуштат сите институции во Приштина и да поднесат оставки. Тој додаде дека тоа го потсетува на руското поттикнување во Донбас во 2014 година.

„Тоа покажува и дека режимот на Александар Вучиќ ја користи Српската листа за дестабилизација“, напиша Вела.

Тој додаде дека Белград еднострано ги прекршил сите бриселски договори за распуштање на неговите структури на Косово, принудувајќи ги косовските Срби да ги напуштат косовските институции.

„Ваквото заплашување нема да успее! Косовските институции ќе останат мултиетнички и репрезентативни за сите заедници“, напиша Вела.

Претставниците на Србите од Косово по средбата во Звечан донесоа одлука Србите да се повлечат од сите приштински институции – собранието, владата, локалните самоуправи, судството, обвинителството и полицијата. Полициските команданти од северот на Косово јавно ги соблекоа униформите со порака „доста е“.