24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ричард: Кина развива нуклеарно оружје многу побрзо од САД

Шефот на американската стратешка команда, адмирал Чарлс Ричард, предупреди дека Кина развива нуклеарно оружје многу побрзо од САД, пренесува Си-Ен-Ен.

Пентагон со години предупредува за военото зајакнување на Кина и развој на нуклеарно оружје, но изјавата на Ричард ја прикажува ситуацијата како многу посериозна отколку што другите американски претставници јавно ја слушнале претходно, според американската телевизија.

На состанокот затворен за јавноста, тој способноста за одвраќање на САД во однос на Кина ја спореди со брод што полека тоне.

„Полека тоне, но тоне бидејќи во основа тие ги распоредуваат капацитетите на теренот побрзо од нас“, рече шефот на командата што ја надгледува американската програма за нуклеарно оружје.

Ричард го нарече развојот на кинеската програма за нуклеарно оружје „краткорочен проблем“.

„Поради начинот на кој тие продолжуваат да се движат, нема да биде важно колку е добар нашиот оперативен план или колку се добри нашите команданти или колку се добри нашите сили, нема да имаме доволно од нив. И тоа е многу краткорочен проблем“, рече Ричард според соопштението од Министерството за одбрана на САД.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден постојано ја нарекува Кина главен глобален конкурент на САД и предупредува на развојот на нивните воени програми и програми за нуклеарно оружје, според серија политички документи поврзани со одбранбената и воената стратегија на САД објавени на крајот на октомври, пренесува Си-Ен-Ен.