16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Тимошенко: Победникот во оваа војна „го пишува новиот светски поредок“

Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко смета дека сегашниот светски поредок не функционира и дека е потребен „строг европски безбедносен систем“, како и победа на Украина, бидејќи победникот во оваа војна „го пишува новиот светски поредок“.

Тимошенко во говорот на безбедносен состанок во Виена предупреди на опасноста од безбедносен вакуум и рече дека Украина е само првиот чекор за рускиот претседател Владимир Путин.

„Сегашниот светски поредок не функционира. Русија, која има право на вето, го блокира Советот за безбедност на ОН“ – подвлече таа.

Според неа, „сивите безбедносни зони“ мора да исчезнат, а таа постави реторичко прашање дали би избувнала војна доколку на Украина и се даде можност да стане членка во 2008 година. Тимошенко посочи дека ниту „тампон зоните“ не се решение.

„Треба да размислиме како можеме да го пополниме тој безбедносен вакуум“ – рече Тимошенко барајќи строг европски безбедносен систем.

Таа рече дека целта на Путин, кога ќе се слушнат сите негови говори, е да ги собере сите оние сили кои не сакаат западно лидерство и се незадоволни од меѓународното право.

„Тоа е борба на целиот слободен свет. Украина мора да се бори и да победи, бидејќи победникот во оваа војна ќе го напише новиот светски поредок“ – нагласи Тимошенко.

Во изјава за агенцијата АПА, Тимошенко рече дека ја разбира неутралноста на Австрија, но додаде дека „дополнителниот одбранбен систем“ нема да наштети.

На прашањето дали Путин ќе употреби нуклеарно оружје, таа рече дека треба да се тргне од најлошото сценарио и дека е неопходно да се дејствува веднаш за да се спречи тоа.

Тимошенко смета дека е неопходно да се проследи каталог со барања до Путин и дека не треба само да се бара напуштање на окупираните територии и ослободување на украинските воени заробеници, туку и да се постават рокови.

„Доколку Русија не ги испочитува роковите, останува на членките на НАТО заедно силно да реагираат и да ја лишат Русија од можноста да продолжи да води војна“ – рече таа.