23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев од Атина: Историски е оправдано што добиваме почеток на преговори со ЕУ со потврдени македонски јазик и идентитет

Фејсбук статус на екс-премиерот Зоран Заев:

На панел дискусијата на Економист конференцијата во Атина, посветена на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, порачав дека сум уверен дека е историски оправдано што бараме и што добиваме почеток на преговори со ЕУ, после 17 години чекање, со нашиот македонски јазик и идентитет, препознаени и потврдени.

Во продолжение е целото мое обраќање:


Почитувани,

Воената агресија на Русија врз Украина, за жал, на најексплицитен начин покажа колку е важна стабилноста на Југоисточна Европа. Стабилноста може да се обезбеди само преку силни пријателски врски меѓу земјите од регионот засновани на европските вредности.
И кога ги споменувам вредностите, војната во Украина, освен што е неиспровоцирана, неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право, таа е израз и на и за судирот на вредносни концепти.

Од енда страна е западниот демократски концепт кој стои позади стабилноста и безбедноста, а од другата страна е агресивниот, инвазивен режим, насилниот концепт кој ги заслужува сите критики и санкции.

Северна Македонија е една од првите држави која се усогласи со безбедносната политика на ЕУ и воведе санкции против Русија во знак на осуда на воената агресија врз Украина. Тоа е чин на морален избор и обврска на Северна Македонија како самостојна држава, како НАТО членка и како земја кандидат за членство во ЕУ.

Тоа е наша морална обврска и заради почитување и споделување на европските вредности.

Многу институции и граѓани од Северна Македонија го помогнаа украинскиот народ на различни начини. Јас исто така помогнав со намирници за украинското население од Одеса, преку Фондацијата Заев – едно општество за сите.

Кога треба да се зборува за импликациите од војната во Украина, тие треба да се гледаат од перспективата на ЕУ како европски проект со визија за траен мир, демократија и сигурност.

Војната во Украина го стави проектот ЕУ како проект за траен мир и за просперитет, економски развој и заеднички пазар, пред сериозен предизвик.

Пред предизвик каков што не се памети и каков што никој не очекуваше после страшните последици на Втората светска војна.
Европската Унија и Европа се исправени пред сериозна закана за безбедноста и стабилноста.

Затоа, во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија врз Украина кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на Алијансата.

Дополнителна придобивка од заедничките одговори на ЕУ и НАТО на воената агресија на Русија е и политиката на отворени врати на Алијансата. Тоа беше и останува значајна придобивка со која се рамнотежа како неопходен елемент за траен мир и безбедност на целиот Европски континент.
Од друга страна, во овој момент тешко е да се зборува за исходот од оваа криза за глобалната економија.

Особено заради фактот што оваа војна на економски план се претвори во војна за енергија и за храна. Два исклучително сенизитивни и значајни аспекти кои исто така бараат соодветен одговор.

Војната е пораз за човештвото, особено во XXI век, кога неуспехот на дипломатските напори и ненаучените лекции од историјата се плаќаат со човечки жртви и лични трагедии. Исходот ќе зависи од тоа како ќе се одвива инвазијата и колку долго ќе трае. И се чини дека и за овие прашања единствениот одговор е солидарноста, партнерството и воспоставување на нова рамнотежа, особено кога станува збор за енергетските аспекти на кризата.

Глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација со цел диверзификација на снабдувањето со енергенси и зајакнување на енергетската независност безбедност, бидејќи станува очигледно дека енергијата станува безбедносно прашање.

Почитувани,
верувам дека Северна Македонија и Европската Унија овие денови прават историски исчекор напред.

Последниот предлог на француското претседателство е добра основа за Северна Македонија да го почне процесот на преговори кој за сите земји членки почнува со Меѓувладина конференција и со Скрининг односно со преглед на сите детали во сите поглавја во кои треба да се усогласиме со европските стандарди.

Северна Македонија донесе многу тешки одлуки во изминатите неколку години. Земјата испорача мир и стабилност кон регионот и кон Европа, заедно со важните и тешки реформи во нашата земја. Затоа, уверени сме дека е историски оправдано што бараме и што добиваме почеток на преговори со ЕУ, после 17 години чекање, со нашиот македонски јазик и идентитет, препознаени и потврдени. За граѓаните на Северна Македонија ова е силен чекор напред кон исполнување на втората наша стратешка цел, после членството во НАТО.

Затоа и во оваа прилика подвлекувам дека стратешки интерес на Северна Македонија е веднаш да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ. Уверен сум дека тоа е стратешка одлука и на ЕУ затоа што нема поголема и поефикасна одлука за зајакнување на стабилноста на регионот на Југоисточна Европа од отворањето на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија без никакво натамошно одлагање.
Ви благодарам.