14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев на Сараево бизнис форум: Мораме да соработуваме, за да успееме – Клучот е во партнерствата, во сојузништвата

Обраќање на експремиерот Зоран Заев на првиот панел на Сараево бизнис форум:

Чест ми е што учествувам на првиот панел овогодинешното издание на Сараево Бизнис Форум, на тема која заедно со последиците кои ги носи руската агресија врз Украина е најважната глобална тема која бара сериозни промислувања и сериозни одговори за да може да им се помогне на економиите, а со тоа на граѓаните.

Неслучајно ја спомнав и актуелната војна односно воена агресија врз Украина, бидејќи кога се зборува за обнова после Ковид, денес веќе не може а да не се зборува и за економските последици од случувањата во Украина. Кога бевме на прагот на опоравувањето од КОВИД-19 нам ни се случи Украина. И сега тие две кризи мораме да ги гледаме заедно, како последователни, но со ефекти врз истите чинители, а тоа се нашите држави, нашите народи, сите ние.

Намалени се проекциите за економски раст на глобалната и европската економија.

Светска банка во својот априлски Економски извештај за Европа и Централна Азија наведе дека стапката на раст во Западен Балкан ќе падне на 3,2 отсто во 2022 година. Тоа е намалување за 0,9 процентни поени во однос на јануарската проекција кога беше прогнозиран раст од 4,1%.

Светот, Европа, а со тоа и регионот, сите ние, веќе не се соочуваме само со намалена продуктивна моќ на компаниите или со намалена продажба поради намалената куповна моќ на граѓаните, не се соочуваме само со предизвикот да се зачуваат работните места или да се трансформира односно дигитализира дејноста на одреден бинзис.

Денес предизвиците се многу поголеми – недостаток на храна, глобална реорганизација на снабдувањето со енергенси, ценовни шокови.

Огромни се предизвиците и оттука огромна е вредноста на ваквите дискусии и форуми во потрага по промислени, здружени, регионални и глобални решенија.

Мораме да соработуваме, за да успееме. Клучот е во партнерствата, во сојузништвата. Во услови на ризици од глобален немир, мораме да се здружуваме и да создаваме платформи, соработки и партнерства кои емитуваат регионален мир, стабилност, предвидливост.

Затоа, регионалната соработка ја ставам на првото место.

Недостатоците oд вештини, од работна сила, од продукциски капацитети, па дури и од храна, било која од нашите држави, можеме да ги надоместуваме потпирајќи се на нашите соседи односно на регионалната соработка. Затоа силно го поддржувам процесот на создавање единствен пазар на Западен Балкан и очекувам да се зголемува бројот на држави кои ќе учествуваат во тргањето на пречките за слободен проток на луѓе, услуги, добра и стоки во нашиот регион.

Време е регионот да си го “спакуваме” и како инвестициски потенцијал. За да ги донесеме големите играчи треба да и ние да играме поголема игра. Западен Балкан има огромни потенцијали за создавање енергија од обновливи извори на енергија, имаме многу сонце, ветер и вода. Тоа подразбира инвестиции во големи стратешки и инфраструктурни проекти, а денес тоа го можат големи и глобални инвеститори. Нашите држави може да се конкурентни за вакви проекти само ако се здружиме и ако настапуваме како регион. На тој начин недостатоците ќе исчезнат, придобивките ќе пораснат.

Погледнете го проектот Александруполи, типичен пример како треба да се игра регионално кога е во прашање глоабалната енергетска политика. Имено, пред неколку дена во Александруполи, Грција, започна изградбата на Терминалот за течен гас, проект за долгорочна енергетска независност и за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.

Сметам дека треба да сме уште похрабри и поодлучни кога станува збор за регионалното поврзување. Ситуацијата во Украина ја налага таа нужност и ги зголемува потенцијалите од регионалната соработка на Западен Балкан.

Но, ова се големите чекори кои ќе проработат на среден рок. А, кризата тропа на врата секој ден.

Затоа, нашите држави мораат да продолжат засилено да ги помагаат граѓаните директно. Особено најранливите и најсиромашните.

Опоравувањето бара одржување на куповната моќ на семејствата, а со тоа и амортизација на ценовните шокови. Затоа, апелирам до владите, не штедете на граѓаните, напротив вложувајте во нив – во куповната моќ и во развојот на човечкиот капитал.

Минималната плата мора да одржува постојан раст, социјалната помош исто така, пензиите исто така. Државите, владите, бизнисите, синдикатите и опозициите треба да бидат во постојан дијалог и да создаваат решенија. Во кризни времиња штрајковите и блокадите не се решенија. Дијалогот е решение. Компетитивност со идеи, трагање по стабилност и предвидливост. Тоа се чекорите кои ќе не одведат до решенија, а не радикални потези, блокади, исклучивост и насилство.

Помошта треба да се засили и за компаниите.

Бескаматни и нискокаматни кредити и грантови за развој – постојано и засилено да создаваме можности за компаниите да си ги пронајдат сопствените можности. Овие мерки, заедно со силен ангажман на институциите за навремена и целосна реализација на капиталните инвестиции водат до живи, активни, еластични и издржливи економии.

Уверен сум дека економиите на Западен Балкан ќе бидат и посилни и подинамични доколку се соработуваат, доколку се здружуваат и доколку се стремат што поскоро да прераснат во една единствена отворена економија на Западен Балкан. Тоа е гаранција за конкурентност во однос на целиот свет, гаранција за инвестиции, за работни места, за потрошувачка моќ и конечно, гаранција за подобар живот на нашите граѓани.

Спонзорирано: