Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Бајден најави нова пратка оружје во Украина, во вредност од 150 милиони долари

Американскиот претседател, Џо Бајден, потпиша нов пакет воена помош за Украина од 150 милиони долари, кој ќе обезбеди артилерија, радари и друга опрема за земјата.

„Денес, Соединетите Држави продолжуваат да му даваат силна поддршка на храбриот народ на Украина во одбраната од руската агресија“, рече Бајден.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, Соединетите држави и’ испратија на Украина 3,4 милијарди долари оружје, вклучувајќи хаубици, противвоздушни системи, противтенковски ракети, муниција и беспилотни летала. Новиот пакет помош е вреден 150 милиони долари и вклучува 25.000 парчиња артилериска муниција, противартилериски радари.

Новата пратка е финансирана од преостанатите 250 милиони долари под претседателските овластувања што и дозволуваат да одобри трансфер на вишок оружје од американските резерви во итни случаи без одобрение од Конгресот.

Минатиот месец Бајден предложи пакет помош од 33 милијарди долари за Украина, кој вклучува повеќе од 20 милијарди долари воена помош. Новиот финансиски пакет мора да биде одобрен од Конгресот, а лидерите на Претставничкиот дом и Сенатот потврдија дека сакаат брз одговор, но се уште не кажале дали ќе гласаат за барањето на Бајден.

Бајден ги повика пратениците да дејствуваат брзо, нагласувајќи дека последното одобрение за испраќање оружје речиси ги исцрпи средствата од неговите овластувања. „Конгресот ќе треба брзо да ја обезбеди потребната сума за да ја зајакне Украина на бојното поле и на преговарачката маса“, рече Бајден во изјавата.

Новиот пакет беше најавен додека Бајден се подготвува да им се придружи на лидерите на Г7 на видео-конференција во недела за да покаже единство со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин ја прикажува војната во Украина како битка за заштита на руското население што живее во земјата од нацистичкиот прогон и за заштита од, како што ги нарекува, заканите на САД кон Русија наметнати од проширувањето на НАТО. Украина и Западот ги отфрлаат како неосновани тврдењата за постоењето на фашизмот и велат дека Путин води неиспровоцирана војна.

Украина и нејзините сојузници велат дека руските сили, откако не успеале да го освојат главниот град Киев, бавно напредуваат кон целта за заземање на истокот и југот на земјата, но се повеќе цивили се бомбардираат. Русија ги негира обвинувањата, велејќи дека цели само на воени и стратешки цели, а не на цивили.

Спонзорирано: