Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТ

Во гранатирањето на Харков загина 96-годишник кој го преживеал холокаустот

Борис Романченко (96), кој го преживеа холокаустот во Втората светска војна, почина минатата недела кога граната го погоди неговиот стан во воениот украински град Харков.

Романченко го преживеал концентрациониот логор Бухенвалд, како и логорите Дора-Мителбау и Берген-Белзен, пренесува Ројтерс.

„Со ужас ја објавуваме насилната смрт на Борис Романченко во војната во Украина“, соопштија од меморијалниот центар за преживеаните од логорот Бухенвалд.

Се додава дека на мета била катната зграда во која живеел Романченко и дека била зафатена од пожарот.

Харков, вториот по големина украински град, е под силен оган од руската армија повеќе од три недели.

Романченко е роден во 1926 година во Бондари, недалеку од градот Суми.

Во 1942 година бил депортиран во Дортмунд, каде што бил принуден да работи. По неуспешниот обид за бегство, тој бил испратен во логорот Бухенвалд во 1943 година, каде што биле убиени повеќе од 53.000 луѓе за време на Втората светска војна.

„Ужасната смрт на Борис Романченко покажува колку е заканувачка војната во Украина за оние кои ги преживеаја концентрационите логори“, се вели во соопштението на Меморијалниот центар Бухенвалд.

Се додава дека Романченко со години бил потпретседател на Меѓународниот комитет на Бухенвалд-Дора, посветувајќи се на документирање на нацистичките злосторства.

Неговата смрт ја осудија и министерствата за надворешни работи и одбрана на Украина.

„Путин успеа да го „постигне“ она што ни Хитлер не можеше“, напиша Министерството за одбрана на Твитер.