19.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Поврзувањето во „Отворен Балкан“ е по примерот на земјите од Западна Европа

„Здружени можеме да понудиме поголемо производство“, истакна премиерот Зоран Заев, во интервју за српската новинска агенција Танјуг, каде ги образложи економските придобивки од иницијативата „Отворен Балкан“. Тој додаде дека здружени трите земји можат да привлечат и повеќе туристи, но и повеќе услуги и квалификувана работна сила.

-Фабриките што имаат намера да инвестираат во Врање, ќе бидат уште поуспешни доколку најдат квалификувани работници од Куманово. Таков е примерот со канадската компанија „Магна“ во Струга, која треба да привлекува кадри и работници од Албанија, бидејќи немаме доволно квалификувана работна сила како што се инженерите. Кога сме здружени, овие инвестиции ќе можат да се реализираат, изјави Заев.

Прашан за „одливот на мозоци“, премиерот истакна дека целта на иницијативата е подобрување на квалитетот на животот на граѓаните тука и тоа е еден од начините за справувањето со овој феномен.

-Тоа подразбира и унапредување на реформските процеси, владеење на правото, унапредување на слободите, здравството, образованието, како и регионалната соработка. Крајна цел е да ги задржиме младите тука, да не заминуваат од нашите земји, односно преку европеизација дома, нивниот сон за живот во Германија, Франција, Австрија, да го донесеме овде, кажа Заев.

Премиерот дополни дека поврзувањето во регионот ќе се одвива по примерот на поврзување на земјите од Западна Европа.