14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Vlada.rs
КОРОНАВИРУССВЕТ

Брнабиќ: Можно е враќање на наставата во училиштата од 19 април

Доколку продолжи стабилизацијата на епидемиолошката состојба предизвикана од Ковид-19, наставата ќе се врати во училиштата на 19 април, потврди денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за време на нејзината посета на Првата белградска гимназија.

„Ќе работиме во смени, со задолжително носење маска и така ќе биде сè додека не победиме со вакцинацијата и не се вратиме во нормален живот“, рече Брнабиќ.

„Ќе разговараме подоцна оваа недела, ако стабилизацијата продолжи, а бидејќи има индикации дека тоа ќе се случи, ќе ги вратиме часовите во училиштата на 19 април“, додаде таа.

Брнабиќ објасни дека наставата ќе се изведува на ист начин како што беше случај од 1 септември, во смени, со помалку ученици на часовите, со обврска да носат маски.

„Така ќе биде сè додека состојбата не биде под целосна контрола и додека не ја победиме ситуацијата со вакцинација за да можеме да се вратиме во нормален живот“, рече Брнабиќ.

Инаку, како дел од олеснувањето на мерките против пандемијата на Ковид-19, трговските центри во Србија од денеска може повторно да работат од 6 до 22 часот, освен угостителските објекти во нив, на кои им е дозволена само шалтерска продажба на храна и пијалаци.

Во наредбата на министерот за здравство, Златибор Лончар, објавена во „Службен весник“, се вели дека на влезот во трговските центри ќе мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе што може да бидат во него, со обврска посетителите да носат заштитни маски.

Угостителите што се занимаваат со шалтерска продажба во трговските центри ќе мора да внимаваат пред пултот да не се собираат голем број луѓе и меѓу нив да има растојание од најмалку два метра.

Кога станува збор за другите услужни активности, мерките остануваат исти, што значи дека сите видови продажни и услужни објекти може да работат до 22 часот, што вклучува и тераси на рестораните и кафулиња, но без музика во живо.

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, изјави дека заштитни маски треба да се носат и на терасите на кафулињата сè додека не се пие пијалакот.

Инаку, аптеките, бензинските пумпи, доставата на храна и ординациите и лабораториите од областа на медицината, стоматологијата и ветеринарната ќе може да работат неограничено.