19.8 C
Скопје
20. јуни 2021
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Коронавирус Centar Став Анализа Во тренд...

Анализа: Мицкоски зборува едно, Марковски друго, двајцата го загрозуваат здравјето

Инфектологот Вело Марковски, член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, јавно откри дека на Уставен суд ќе ја оспори мерката за носење заштитна маска на отворено затоа што тоа било опасно по здравјето. Наспроти неговиот скандалозен став, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето видео обраќање до граѓаните, во петокот, ги повика да носат маски за да се заштитат од ширење на вирусот. Врвот на ВМРО ДПМНЕ пласира различни ставови во однос на заштитата на здравјето со што внесува забуна кај граѓаните и продолжува со неодговорното однесување во време на пандемија. Дали со ваквите ставови на Марковски ВМРО ДПМНЕ не прави штета и не преставува закана и опасност по здравјето?

Со изјавата дека граѓаните не треба да носат маски, Марковски застанува против препораката на Светската здравствена организација за носење маски на отворено. Голем број држави во светот ја имаат воведено мерката со задолжително носење заштитни маски на отворен простор.

Уште едно прашање за кое Мицкоски и Марковски имат контрадикторни ставови е дали корона вирусот воопшто постои. Лекарот Марковски во последниот јавен настап тврдеше дека за речиси ниту еден починат немало научен доказ дека причина за смртта е Ковид 19, со што го доведе во прашање постоењето на вирусот. Политичарот Мицкоски пак, говореше дека здравствените власти не се способни да се справат со пандемијата и дека бројот на починати од корона расте, што значи дека вирусот е причинител за смртта.

Ова е уште еден загрижувачки момент, со пласирање на спротивставени ставови околу тоа дали постои вирусот или не, челниците од ВМРО ДПМНЕ создаваат паника во и онака тензичната атмосфера. Недозволиво е најголемата опозициска партија да манипулира со јавноста и да ја потхранува со вакви информации кои на крајот влијаат врз здравјето на луѓето.

Дополнително, Мицкоски во видеото од петокот ги предупредуваше граѓаните да внимаваат, да носат маски, да не се групираат, да не излегуваат од дома… или едноставно кажано им ги наброја владините мерки за заштита од ширење на заразата, истите оние мерки кои ВМРО ДПМНЕ ги критикува дека не се соодветни и дека го зголемуваат бројот на заболени. Лицемерието на Мицкоски и поигрувањето топло-ладно со мерките оди на штета на информираноста на граѓаните, а со тоа и на нивното здравје.

Во период кога здравствените работници се целосно посветени на пациенетите, кога работат деноноќно и кога властите се обидуваат преку парични награди да го одржуваат нивниот мотив, Марковски јавно зборува дека е погрешно што лекарите даваат антибиотици на пациентите и дека во последно време сите кои починале имале бактериски пневмонии. Неговата изјава е со впечаток дека ги напаѓа своите колеги за нестручно постапување со што ја поткопува довербата на граѓаните во здравствениот систем. Со оглед дека следуваат неколку критични месеци во кои бројот на заболени и починати ќе расте, а притисокот врз здравствениот систем ќе биде поголем, препорачливо е одговорно и солидарно однесување на сите општествени чинители, но ако се следат постапките на опозицијата, со ВМРО ДПМНЕ тоа е неможно.