13.3 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТТОП ВЕСТИ

Тегнел: Во Шведска дојде до нагло опаѓање на бројот на заразени, но не знаеме зошто

Главниот шведски епидемиолог Андрес Тегнел изјави дека од почетокот на јули во Шведска дошло до забрзан пад на бројот на заразени со коронавирус.

„ Но, зошто се случува тоа точно во тоа време и поради што е така неочекувано, мислам дека е малку тешко целосно да го разбереме“ рекол Тегнел во интервју за шведскиот портал „Локал“.

Тој додал дека се чини дека падот на бројот на новозаразени не е поврзан со празниците или некоја мерка која ја презеле здравствените власти.

„Веруваме дека зголемувањето на бројот на имуни луѓе во популацијата има некаква врска со тоа, но навистина не знаеме точно“ рекол Тегнел.

Тој смета дека намалувањето на бројот на случаи во јули во Шведска покажало дека нивната стратегија, според која беа избегнати поголем дел од строгите мерки кои ги воведоа повеќето земји, на некој начин успеала.

„ Бројките во Шведска покажуваат дека може да дојде до забрзан пад на бројот на случаи без затворања“ додава шведскиот епидемиолог.

Тегнел признава дека бројот на новозаболени благо пораснал за време на минатата недела, посебно меѓу младите. Но, нагласил дека можат да се справат со тоа.

Сепак, како што вели, една од работите која засега се знае е дека се работи за многу непредвидлива болест.

Според последните податоци, во Шведска од коронавирус починале 5.763 луѓе, речиси пет пати повеќе отколку во Данска, Норвешка и Финска заедно.