16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тимошенко бара без одлагање да се формира нова влада во Украина

Лидерката на украинската партија Баткившчина, Јулија Тимошенко, укажа на потребата за формирање нова украинска влада по победата на Володомир Зеленски на претседателските избори во неделата, пренесува ТАСС.

„Треба ли да ја толерираме сегашната влада за уште шест месеци? Впрочем, 75 отсто од луѓето не гласаа за промена за да ја толерираат оваа влада уште половина година. Ако овој парламент има барем малку совест, неопходно е да се даде можност за формирање нова влада, која ќе има сосема поинакви цели и задачи“, рече таа на состанокот на координативниот одбор на Врховната рада.

Според Тимошенко, од суштинско значење за новиот претседател е и да назначи нов обвинител, претседател на Службата за безбедност на Украина и министер за одбрана. Тоа треба да се направи за да се види дали новиот претседател има политичка волја да ги повика на одговорност сите оние владини функционери што биле инволвирани во корупција со помош на неговите шефови за безбедност.

„Тоа ќе биде првиот тест за промените“, рече Тимошенко додавајќи дека победата на Зеленски е шанса за Украина.

Зеленски освои 73,15 отсто од гласовите на изборите што се одржаа на 21 април според 97,99 отсто обработени гласачки ливчиња, а актуелниот претседател Петро Порошенко освои 24,52 отсто.