24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Божиновски: Со отписот на долговите на општините, власта поттикнува недомаќинско работење

Законот за отпис на долговите на општините изгласан од црната власт на СДСМ смрди на корупција, истакна денеска на прес-конференција, Игор Божиновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.


Како што рече тој, веќе подолг период се говори дека владата со ваквото законско решение отвора можност за поделба на 50-50 на парите од камата.

„Со овој закон, Владата 90 милиони евра неискористени средства предвидени за капитални инвестиции ги пренаменува, а од нив од тие 90 милиони евра, 50 милиони ги префрла на општините за покривање на долговите. Парите ќе се делат под исклучително сомнителна методологија и субјективен критериум. Од друга страна, на овој начин се покрива неспособноста, лошото менаџирање и лошото недомаќинско работење на градоначалниците во општините. Од материјалите коишто се доставени од Владата се гледа дека најлошо менаџирале или најнедомаќински работеле градоначалниците на општините Куманово, Охрид и Тетово“, истакна Божиновски.

Според него, општините каде што СДСМ подолг период раководел имаат најголеми доглови, а со тоа јасно се гледа дека градоначалниците немаат визија и идеја како да раководат со нивните локални самоуправи.

„Ова е лош пример за тоа како треба да работат градоначалниците во иднина и на овој начин се поттикнуваат и поддржуваат да продолжат да работат недомаќински, да ги трошат средства од буџетот на општината за што треба и за што не треба, а на крајот на денот државата да им ги подмири обврските, да ја заталашка нивната неспособност“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека партијата ќе го следи процесот, а наведената постапка ќе подлежи на ревизија.