Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вработен во Влада им дал сим картички на 9 лица, пет години збореле на државна сметка

Девет лица пет години незаконски користеле мобилни телефони на владина сметка, а СИМ картичките им ги дал референт вработен во Службата за општи и заеднички работи во Владата. Со тоа е напревена штета во буџетот од над два милиони денари.

СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против С. П. (51) од Скопје, поради злоупотреба на службена положба и овластување. Тој го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи во Владата за вкупен износ од 2.079.471 денари.

,,С. П. како службено лице вработено во Службата за општи и заеднички работи во Влада, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување како самостоен референт-организатор за услуги со фиксната и мобилната телефонија, од мај 2012 до август 2017 година, на непознати лица дал на користење девет СИМ картички, сопственост на Службата за општи и заеднички работи во Влада, без притоа да подготви и потпише реверси за задолжување со податоци и потписи на лицата, како и своерачно потпишани изјави од истите со кои се согласуваат во случај на пречекорување на ограничувањето на сметките за користење на телефонските броеви, разликата од утврденото ограничување и висината на сметката да им биде задржана од месечната плата. Понатаму, кога фактурите од Македонски телеком пристигнале за наплата на побарувањата по основ на остварените мобилни услуги за 9-те телефонски броеви, пријавениот како овластено лице задолжен да врши контрола и проверка на сметките на корисниците на службени мобилни телефони, иако знаел дека телефонските броеви ги користат лица на кои што не им следуваат телефонски броеви и нема изработени и потпишани реверси, своерачно се потпишал и ставил печат дека е извршена контрола и дека нема забелешки”, соопшти МВР.

Спонзорирано: