Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Стопанските комори со нови предлог-реформи во земјоделскиот сектор

Четирите стопански комори испратија официјален допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се поттикне дискусијата и решавањето на проблемите што ги засегаат микро, малите и средните претпријатија од земјоделскиот бизнис-сектор. Воедно, копија од целосниот допис беше доставена и до кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

Преку овие активности стопанските комори повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики што ја засегаат бизнис-заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети што би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори.

Тие бараат укинување на скалестиот систем на финансиска поддршка, односно субвенционирање во земјоделството. Понатаму, како дел од реформите се осврнуваат на предлози за измена на Законот за семенскиот и садниот материјал за земјоделските растенија и информација за подобрување на конкурентноста на македонското земјоделско производство;

Изминатиот период четирите стопански комори организираа низа информативни настани и форум-дискусии во повеќе градови во државата. Целта на овие настани беше, како што велат, да се слушне гласот на бизнис-заедницата и да се даде можност за идентификување на најчестите проблеми од бизнис-регулативата кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија. На овие настани учество зедоа голем број компании од повеќе сектори.

Активностите се дел од проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од „Епи центар интернационал“ во партнерство со четирите стопански комори: Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Спонзорирано: