11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРАИЗБОР

Заев: Светската галерија на карикатури е културен бренд со црвено запишан во календарот на меѓународни настани

Под покровителство на премиерот Зоран Заев, во Националната галерија Чифте амам вчеравечер се одржа јубилејната манифестација „Остен – уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев изразил особена чест и привилегија што ја прогласил за отворена големата изложба со дела од меѓународни уметници и документарната изложба „50 години Светска галерија на карикатури“.

„Честа е уште поголема и поради тоа што, како покровител на овие наши уникатни, единствени, културни проекти, имам и одговорност и обврска да им посакам добредојде на нашите уметници и карикатуристи, но и на повеќе од 200 наши гости од десетици земји од светот. Светската галерија на карикатури, која се организира веќе 50 години, е културен бренд, настан и датум запишан со црвено во календарот на меѓународните настани од сферата на културата“, порачал премиерот.

Тој додал дека оригиналноста и уникатноста на оваа манифестација е една од карактеристиките што ја одржува како важна и неодминлива точка на спектарот на светските културни настани.

„Светската галерија на карикатури е основана од прогресивната меѓународна заедница на шестите средби на солидарност во Скопје во 1969 година и со тоа Скопје стана важна референтна точка на оваа дејност на мапата на светот“, истакнал Заев.

Директорот на „Остен“, Мице Јанкуловски, во својот поздравен говор рекол дека Светската галерија на карикатури е најголемиот светски бренд во карикатурата и најголемиот македонски бренд во културата и во светот.

„Додека се одржува оваа манифестација, Скопје е град на современата светска карикатура, собиралиште на карикатуристи од целиот свет, место каде што се разговара за карикатурата вчера, денес и утре“, истакнал Јанкуловски.

Претседателот на интернационалното жири на „Остен биенале на цртеж Скопје 2018“, Манос Стефанидис, порачал дека уметноста бара отворен ум, отворено срце и чувствителност.

„Имам чувство дека тука вечерва се случува нешто многу важно: имаме музеј, имаме колекција, сето тоа е многу живописно и вчудовидувачко, но истовремено се наоѓаме во центарот на Европа и тоа објаснува дека уметноста на Балканот е исто така во срцето на уметноста на Европа“, кажал Стефанидис, кој инаку е куратор на Националната галерија на Грција и професор по историја на уметност на Универзитетот во Атина.

Педесеттото издание на Светската галерија на карикатури годинава го обележаа 792 дела од 208 карикатуристи од 50 земји во светот, а на „Остен биеналето на цртеж Скопје 2018“ учествуваа 868 автори од 61 земја со 2.317 дела.

На централниот настан се доделија награди на уметници и признанија на партнери и соработници на Светската галерија на карикатури и Биеналето на цртеж. Главните награди на Биеналето се доделија на Пјер Сулаж од Франција, со Гран при за животно остварување и на Хенри Мур од Обединето Кралство, со наградата Светско културно наследство.

Иницијативата на „Остен – уметност на хартија“ со Светската галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори го најавија и формирањето на „Остен – музеј на цртеж“.

„Овој нов предизвик формирањето на ‘Остен – музејот на цртеж’ во Скопје, ќе овозможи повеќеилјадната збирка на ‘Остен’ да биде соодветно архивирана и евидентирана, ќе се овозможи нејзина заштита и чување, стручно истражување, обработување, проучување, презентирање и публикување, а самата збирка ќе биде достапна за македонската и светската јавност“, рекол премиерот Заев по однос на овој проект.