16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ до сега најжестока порака до Никола Груевски: Ти си лажго и кукавица!

Осудениот криминалец Никола Груевски потврди дека е лажго и кукавица, но нема да избега од правдата, казната ќе си ја отслужи во Македонија, реагира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по информацијата дека Унгарија се изнела позитивно по барањето азил на Груевски, што самиот експремиер го потврди на „Фејсбук“.

„Никола Груевски е лицето, името и презимето на целокупното криминално зло што 11 години ја уништуваше Република Македонија. Македонија и многу нејзини генерации, пред сè млади, прескапо ја чинеше криминалното владеење на режимот на Никола Груевски, којшто од земјава направи заробена држава а граѓаните ги осиромаши, ги остави без пари и без иднина“, вели СДСМ преку соопштение.

Владејачката партија додава дека криминалот и злоупотребите на институциите и судовите, јавноста ги дознала преку објавувањето на бомбите.

„Осудениот криминалец Никола Груевски самиот потврди дека не е ништо друго освен кукавица и лажен патриот кој се обидува на секој можен начин да избега од правдата. Кукавичкото бегство и барањето азил нема да го спасат Никола Груевски од одговорност за неговите незаконски постапувања“, смета СДСМ.

Согласно со меѓународното право, додаваат социјалдемократите, криминалецот бегалец Груевски ќе биде вратен за да ја отслужи правосилно изречената казна затвор, но и да одговара за останатите сторени дела што ќе се докажат на суд.