22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тачи: Сега е појасно од кога било дека ни треба договор со Србија

По неуспехот на Косово да стане членка на Интерпол, косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави дека сега е појасно од кога било оти е неопходен конечен и сеопфатен договор помеѓу Косово и Србија, за да се осигура членството во меѓународните организации.

Тачи им заблагодари на сите земји кои гласаа во корист на Косово, пренесе агенцијата „Анадолија“.

„Со оглед на негативниот исход на гласање, сега е појасно од кога било дека е потребен конечен и сеопфатен договор помеѓу Косово и Србија за да се осигура мнозинско признавање и членство на Косово во ОН, НАТО и ЕУ“, порача Тачи на социјалната мрежа „Твитер“.

На денешното Собрание на Интерпол во Дубаи се гласаше за примање на Косово како нова членка во меѓународната полициска организација. Поради неуспехот на Косово да обезбеди двотретинско мнозинство, барањето беше одбиено. „Против“ гласаше 51 држава, 68 земји гласаа „за“, а 16 беа воздржани. Ова e трет обид на Косово да стане членка на Интерпол.

Амбасадите на САД во Белград и на Велика Британија во Приштина, оценија дека одлуката Косово да не се прими во Интерпол е разочарувачка, додека амбасадорот на Русија, Александар Чепурин, му честиташе на српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, за, како што напиша на „Твитер“, одличната работа во Дубаи. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека одбивањето на барањето за членство на Косово во Интерпол е успех на Србија, но поради тоа не е потребна еуфорија и понижување на Косово.