16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Академската заедница клучна во подготовката за преговорите со ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари работна средба со претседателот на Македонската aкадемија на науките и уметностите, Таки Фити.

Целта на средбата е продолжување и зајакнување на соработката во рамките на меморандумот за соработка помеѓу Секретаријатот за европски прашања и МАНУ, и тоа во насока на реактивирање на Советот за европска интеграција во рамките на Академијата.

„Имајќи гo предвид напредокот во европските интеграции, особено почетокот на објаснувачкиот скрининг, потребно е да ги активираме механизмите за идентификување, мапирање и вклучување на разни експертски и стручни капацитети кои припаѓаат на академската фела, но исто така, од аспект на подготовката за почеток на преговорите, мапирање на сите научни и истражувачки капацитети и поединечни експерти кои се на располагање по поглавјата и подрачјата од правото на ЕУ“, истакна Османи.

Османи го информираше претседателот на МАНУ и за напредокот во исполнувањето на реформскиот процес, посочувајќи на инклузивноста наметната уште при имплементацијата на планот 3-6-9, за што посочи и на потребата и од зајакнување и продлабочување на соработката во специфични области дефинирани и во планот 18 – правосудство, јавна администрација и безбедносните системи.

Соговорниците изразија согласност дека соработката меѓу СЕП и МАНУ мора да продолжи, и согласно со предизвиците од европските интеграции, и да се интензивира.