27.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Барањата на осумтемина пратеници прифатливи за Заев, за имплементација ќе се разговара со грчката Влада

Четирите барања на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ќе функционираат како посебна пратеничка група се прифатливи за премиерот Зоран Заев. Но дали тие ќе можат да се имплементираат во нацрт амандманите, во наредниот период ќе одлучуваат и разгледуваат правни тимови на Министерството за правда и Владата.

Премиерот Зоран Заев по средбата со осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои гласаа за отпочнување на процесот за уставни промени рече дека се разговарало за нивните барања.

Било договорено заменик на телото за национално помирување да биде пратеник од новата пратеничка група. Заев по средбата повтори дека барањето за амнестија не е прифатливо и дека националното помирување се прави во Собранието кое е составено од пратениците.

Тој најави дека пред амандманите на Уставот да бидат пратени во Собранието, ќе има нова средба со пратениците од новата пратеничка група.

„Заедно со министерката Рената Десковска направивме консултација со новата пратеничка група. Констатирам дека изнајдовме конкретни насоки во делот на гаранцијата дека процесот ќе биде завршен од страна на Грција. Македонскиот идентитет ќе биде зацврстен“, рече Заев.

Тој рече дека биле прецизирани сите детали за координативното тело за национално помирување. Со формирањето на телото рече дека ќе се утврди и методологијата.

Заев рече дека за барањата ќе се консултираат и со грчката Влада.

„Не мораме, но ќе се консултираме со грчката Влада. Мене ми е драго што покрај парламентарното мнозинство и овој дел од опозицијата ќе биде свесно за тоа дека не е загрозен македонскиот идентитет“, рече Заев, додавајќи дека останува на тоа да се зголеми бројката на пратеници кои ќе гласаат за уставни измени.

Во пратеничката осумка се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов,Сашо Василевски, Елизабета Канческа Милевска, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска Старова, и Емилија Александрова.

Тие бараат:

1.Прифаќање на амандман на Уставот со кои ќе се гарантира македонскиот идентитет.

2.Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро –атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.

3.Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.

4.Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев искажана на 61 – та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 год., за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување“.