15.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган навести дека Турција повторно ќе ја воведе смртната казна

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, навести дека Турција набргу би можела повторно да ја воведе смртната казна.

Присуствувајќи на погребот на жената која со своето единаесетмесечно бебе беше убиена при експлозија на бомба во близина на границата со Ирак, Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да се бори против курдските бунтовници кои турските власти ги сметаат одговорни за нападот.

Жената на 24-годишна возраст загина вчера со синот во експлозија на бомба поставена покрај патот кога се враќаше од посета на сопругот, наредник во турската војска. Таа загина на местото на настанот, а детето им подлегна на повредите во болница.

Ердоган на погребот во градот Сивас во централна Турција рече дека борбата против забранетата Курдска работничка партија ќе продолжи сè додека постои макар и еден терорист.

Одговарајќи на повиците на собраните да се воведе смртна казна, турскиот претседател истакна дека нема да се двоуми да ја одобри најстрогата казна доколку парламентот усвои таков закон. Тој додаде дека чекорите што Турција ги презема по тоа прашање се блиску.

Во Турција немало погубување од 1984 година. Земјата и официјално ја укина смртната казна во 2004 година во рамките на напорите да се приклучи кон Европската Унија.