5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Топлотен бран во Европа – црвен аларм во Франција, Италија и во Шпанија, помор на рибите во Германија

Топлотниот бран што ја зафати Европа донесе температури поради кои властите во Италија, Шпанија и во Франција издадоа предупредување кон граѓаните.

Италија се соочи со првиот топлотен бран ова лето, а италијанските власти воведоа црвен аларм во осум града во земјата поради здравствените проблеми што би можеле да ги предизвикаат горештините.

Предупредувањето е издадено за Болоња, Болцано, Фиренца, Кампобасо, Џенова, Перуџа, Пескара и Риети. Во овие градови се очекува температурите да достигнат 40 степени.

Во согласност со прогнозите, утре 18 града во Италија би можеле да бидат опфатени со црвениот аларм, меѓу кои и Рим.

По порастот на температурите за време на викендот, метеоролозите во Италија очекуваат жештините да траат барем уште неколку дена.

Шпанската метеоролошка служба издаде предупредување во 30 провинции во земјата наведувајќи дека се очекува температурите во овие делови да достигнат од 35 до 42 степена.

Метеоролозите предупредија на висок ризик од шумски пожари во голем број области во јужниот и централниот дел на Шпанија. Се очекува топлотниот бран да трае и за време на викендот.

Поради жештините, во Франција издадени се предупредувања во источниот и јужниот дел од земјата. Се очекува температурата во текот на целата недела да се движи над 30. степен, а во некои области да достигне и 40 степени.

Во главниот град на Германија, Берлин, минатата ноќ беше најтоплата во изминатите сто години.

Температурата на езерата драстично порасна што доведе до масовен помор на рибите што живеат во езерата во Германија, а особено на подрачјето на Хамбург. Температурата на водата достигна критични 27 степени, а нивото на кислород константно опаѓа. Слична е ситуацијата и со реките во Германија. Во реките и езерата во Хамбург и околината за неколку дена, поради големи горештини, пцовисаа шест тони риба, а експертите стравуваат дека тоа е само почеток.

Сателитските снимки што ги објави Европската вселенска агенција покажуваат дека топлотниот бран ги опустошил руралните германски области.