23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Македонија е лидер во регионот во финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обратија на 39-от состанок на Одборот на Глобален Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза.

„Сакам да истакнам дека почнувајќи од оваа година, Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена, Владата на Република Македонија за 2018-тата година издвои 1,5 милиони евра или 3 и пол пати повеќе во споредба со минатата година. Со тоа, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза од страна на државата“, рече во своето обраќање премиерот Заев.

Тој, исто така нагласи дека стапката во нашиот регион на ХИВ и на туберкулоза е прилично ниска и затоа, проблемите на овие болни, за жал, како што рече премиерот, понекогаш ги ставаме во втор план, и паѓаат во сенка на сите други предизвици со кои земјите од овој регион се соочуваат во областа на здравството.

„Токму ниската стапка на болни до некаде ни ја олеснува работата. Со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори, имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме. Овие прашања не треба да зависат од политичка волја, бидејќи се прашања на основните човекови права“, додаде премиерот Заев пред присутните.