24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Печката за согорување медицински отпад во Дрисла доби нов филтер

Денеска беше пуштен во употреба новиот филтер на печката за согорување медицински отпад во Дрисла, во рамки на Отворениот ден за новинарите и за претставниците и активистите од еколошките граѓански организации што го организираше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

„Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот. Од идната сезона, Дрисла нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска во функција е новиот филтер во депонијата Дрисла. Станува збор за филтер кој е поставен на инсенераторот за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина“ истакна Шилегов.

Тој нагласи дека филтерот ќе се користи се до поставување нова печка, а претходната дека беше надвор од функција неколку месеци, односно по контролата на Државниот инспекторат, кој дојде до заклучок дека не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши, а која како таква беше оставена со години во функција од претходната власт.

„Наша обврска е да иницираме постапки, кои не се во ингеренции на градот со цел да испровоцираме реакција на државните органи, а кои се однесуваат на заштита на животната средина и подобрување на воздухот кој го дишеме. Пред пуштањето во употреба, беа извршени тестирања на работата на филтерот, кои покажаа одлични резултати“, рече Шилегов.

Со тестирањето се утврди дека просечното количеството на издувните гасови јаглерод моноксидот, азотните оксиди, сулфурните оксиди и ПМ10 честичките не ги надминуваат граничните вредности согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.

„Дополнително, покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение горивото на кое работи печката, нафтата, е заменето со гас. Како што ветивме, работиме на долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период. Свесни сме дека со ова не го решаваме во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение“, нагласи Шилегов.

Со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафтата, е заменета со гас пропан-бутан.

Самиот филтер се состои од механички фаќач на ПМ честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење. Врз основа на резултатите, акредитираната лабораторија донесе заклучок дека согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување (Сл. Весник на РМ, бр. 123/2009), просечните концентрации за емисија не ги надминуваат граничните вредности.