14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев – Нимиц: Сега е време да се реши спорот што трае четврт век

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими специјалниот претставник на ОН во разговорите за уставното име на нашата земја со Република Грција, Метју Нимиц.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата медијаторот Нимиц ги образложил своите идеи и размислувања за текот на процесот на разговорите, а Заев ги претставил идеите и ставовите на македонската Влада, како и размислувањата што произлегле од координативниот состанок на државно-политичкиот врв на Република Македонија одржан минатата недела.

Воедно, било истакнато и дека на идните разговори за решавање на ова прашање лидерските места на преговарачките тимови ги преземаат министрите за надворешни работи на двете земји.

На средбата во Кабинетот на премиерот било нагласено дека во оваа фаза од разговорите е создаден позитивен момент и дека двете земји покажуваат посветеност за натамошно градење на довербата.

Во разговорот биле издвоени и придобивките од средбата на премиерите Заев и Ципрас во Давос кога од двете страни беше изразена политичка и добра волја за првите практични чекори, како што беше најавеното преименување на автопатот, а од страна на премиерот на Република Грција беше најавено деблокирање на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација и можноста и Република Македонија да стане член на јадранско-јонската иницијатива.

Соговорниците изразиле согласност дека сега е време за решавање на ова прашање за кое се водат дискусии веќе 25 години и дека е неопходен прагматичен пристап и решение за да се постават основи за долгорочни и стабилни билатерални односи.

Премиерот Заев и медијаторот Нимиц се согласиле дека и понатаму треба да продолжи атмосферата на добра волја и на дијалог во процесот, на што повикуваат од НАТО и од ЕУ, и дека тоа е начинот да се стигне до компромис и до заемно прифатливо решение што ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народа.

Спонзорирано: