16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Скопјанец кој украл „ауди“ се бори за живот бидејќи бил претепан од газдата

Четириесет и седумгодишен жител на скопското село Сарај се бори за живот бидејќи вчера бил претепан од страна на сопственик на компанија за изнајмување возила, од каде што тој украл автомобил.

Како што информираат од МВР, во текот на вчерашниот ден, околу три часот попладне, на крстосницата од улицата Црногорска и улицата Андон Папрадишки во Скопје, Ф.А., откако претходно одзел автомобил „ауди а6“ (сопственост на рентакар-фирма), загубил контрола врз возилото и удрил во бетонски столб.

По незгодата, тој пеш се дал во бегство, но сопственикот на рентакар-фирмата, А.Н. (36), од Скопје успеал да го фати и физички го нападнал.

Притоа Ф.А. добил повреди и со возило на итната медицинска помош бил пренесен на Ургентниот центар. Од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди и тој се наоѓа во животна опасност. За сообраќајната незгода увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. За бесправното одземање на возилото, како и за физичкиот напад, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по целосно документирање на случаите, информираат од полицијата.