11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Над 68 отсто од универзитетските професори сакаат да заминат во странство

Доколку им биде дадена понуда да заминат во странство, над 68 проценти од универзитетските професори би ја напуштиле земјата, покажа истражувањето за студијата „Воспоставување критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од РМ“, што беше презентирана денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет и автор на студијата, рече дека 68 проценти би ја разгледале можноста да ја напуштат Македонија доколку им биде дадена понуда да заминат во странство, а над 20 отсто од испитаниците веќе презеле конкретни активности за да ја напуштат земјата.

„Државата десетици години инвестирала финансиски средства во образованието, истражувањето, платите на најобразованите, а сега за 200-300 евра повеќе или помалку плата се доведува во ситуација да ги загуби“, вели Докмановиќ додавајќи оти повеќето од нив би ја напуштиле земјата поради подобар животен стил, а тоа подразбира подобра плата, односно егзистенцијалниот момент е пресуден.

Истражувањето на Институтот исто така покажува дека над 40 отсто од испитаниците би прифатиле работа во странство и која не одговара на нивните квалификации. Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за образование и наука, универзитетите, како и другите институции и организации.

Спонзорирано: