17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Град Скопје испраќа хуманитарна помош за Албанија по катастрофалните поплави

Скопје како град на солидарноста и како збратимен град со Тирана ќе испрати помош на настраданите во неодамнешните поплави во Република Албанија, кои предизвикаа голема материјална штета.

„Скопје како град на солидарноста одлучи да даде помош на настраданите во поплавите во Албанија, кои предизвикаа голема материјална штета во нашиот збратимен град. За таа цел обезбедивме средства во висина од 1.100.000 денари, со кои беа набавени пакети со најнеопходните средства за лична хигиена, храна и производи за бебиња. Од ова место, со помош на Црвениот крст на град Скопје, почнува испораката на овие средства, кои набргу очекуваме да пристигнат во соседна Албанија во рацете на оние на кои помошта им е најпотребна“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Тој објасни дека Скопје во изминатите децении честопати ја имал улогата на примател на помош од многу земји во светот. „Како вистински град на солидарноста, подаваме рака, да им помогнеме на нашите пријатели од соседството и пошироко. Елементарните непогоди и природните катастрофи доаѓаат ненајавено и доколку не си помогнеме едни на други, последиците од нив потешко ги поднесуваме. Се надевам дека нашите пријатели од Албанија ќе успеат да се изборат со ова, да ги надоместат материјалните штети на граѓаните и да продолжат со нормалното функционирање во средините во кои живеат“, додаде Шилегов.