27.8 C
Скопје
3. јули 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Села со потег кој никој не го очекуваше – Ова е одлуката на Алијансата за Албанците

Нашата програма е дел од владината програма. Затоа реков дека не се работи за реконструкција на Владата туку само за пополнување на испразнетите места, рече претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, по вечерашното Централно собрание на партијата.

Тој изјави дека на дневен ред не било прашањето дали Алијансата за Албанците ќе остане или нема да остане дел од Владата, затоа што, како што рече тоа не го заслужува никој од политичките актери.

„Мислам дека не заслужува никој од политичките актери заради нивни игри ние на Централното собрание да дискутираме за тоа. Што одлучивме? Мислам дека одлуката е донесена од страна на премиерот. Премиерот има одлучено само да има пополнување на испразнетите места кои како последица на локалните избори и изборот на Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар треба да се пополнат со нови имиња. Општо е познато и целата јавност знае дека Министерството за здравство ѝ припаѓа на Алијансата за Албанците“, рече Села.

Тој повтори дека тие имаат доставено име за министер за здравство. „Неколку пати премиерот има изјавено дека не се работи за реконструкција. Ако има реконструкција тогаш ќе одлучиме“, рече Села.

Во врска со најавите дека во Собранието ќе се гласа за предлогот на СДСМ за министер за здравство и дали тоа значи дека повторно ќе расправаат органите на партијата, Села вели:

„Јас ви реков дека Централното собрание донесе одлука за да имаме Конгрес и прогласи општи внатрепартиски избори на територија на цела држава. Тоа значи дека немаме повеќе органи на партијата кои што функционираат. Единствени органи на партијата коишто функционираат се претседателот на партијата и комисијата која е формирана за организирање на конгресот што ќе се одржи на 11 март“.

Ексминистерот за здравство, Арбен Таравари, вчера на Фејсбук упати остра критика кон премиерот.

„Заев кажа дека Минситерството за здравство е дадено на Алијансата поради мене како личност. Кога го слушнав ова првпат, ми дојде многу жал за него. Поради недостаток на реално оправдување за насилното одземање на Минисертсвото за здравстсво тој прати една незрела вест. Смешно! Кога видов дека кутриот премиер го повторува тоа неколку пати и повторувајќи ги неколку пати лажните (псевдо) аргументи, жалосно-смешно! На ова оправдување на Заев не верува ни едно петгодишно дете. Сигурно е дека ова министертво ѝ е дадено на Алијансата бидејќи без оваа партија немаше да има Влада. Се сеќавате ли како дојде до ова? Беше тоа време кога во Парламентот крвареше Зијадин Села и без никаков сомнеж јас бев избран од Алијансата да го водам Министерството за здравство“, напиша Таравари.

Тој во објавата на Фејсбук наведува дека Заев и Груевски имаат само едно нешто заедничко, а тоа е Али Ахмети.