23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Северна Кореја: Спроведовме тактичка вежба за нуклеарен удар

Северна Кореја вчера изведе симулирана вежба „тактички нуклеарен удар“ со две крстосувачки ракети со долг дострел, објавија државните медиуми, додека лидерот Ким Џонг-ун ја надгледуваше изградбата на бродови и фабрика за муниција.

Споменатата вежба била изведена во саботата наутро со цел да се „предупредат непријателите“ дека земјата ќе биде подготвена во случај на нуклеарна војна, пренесува државната новинска агенција КЦНА. Пјонгјанг вели дека ќе продолжи да работи на „тактики за одвраќање“ насочени кон Вашингтон и Сеул.

Две крстосувачки ракети со лажни нуклеарни боеви глави беа истрелани кон Жолтото Море на западната страна на Корејскиот Полуостров, прелетивјќи 1.500 километри на височина од 150 метри. Со цел да ја нагласи важноста од зајакнувањето на поморските сили на Северна Кореја, Ким Џонг-ун посети фабрика за муниција и комплекс каде во тоа време се произведуваат поморски мотори.

„Ким Џонг-ун потврди дека на идната пленарна седница на Централниот комитет на Работничката партија, акцентот ќе биде ставен на модернизацијата и развојот на бродоградбата“, се вели во соопштението на државната агенција, но не е прецизиран датумот на пленарната седница.

Последната севернокорејска вежба уследи два дена по завршувањето на заедничката годишна вежба меѓу Јужна Кореја и САД, која траеше 11 дена, при што беа спроведени воздушни вежби со бомбардери Б-1Б.

Севернокорејскиот лидер ја посети морнаричката флота на источниот брег пред десет дена за да биде сведок на тестирањето на крстосувачки ракети, додека Пјонгјанг го критикуваше договорот меѓу Сеул и Вашингтон за зајакнување на воената соработка потпишан минатиот месец.