Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Инвазивните гасеници им ја изедоа лавандата на одгледувачите на југот на Франција

Гасеници веројатно предизвикаа милионски загуби на француските одгледувачи на лаванда оваа година, според земјоделското здружение кое ја повика владата на помош.

„Десетици и десетици хектари не беа собрани затоа што не вредеше. Немаше ништо останато“, вели Ален Обанел, шеф на Здружението за парфеми, ароми и лековити растенија PPAM, со седиште во Маноскје во јужна Франција.

Земјоделците во некои случаи изгубија 90 отсто од жетвата, изјави тој за ДПА. Загубата, според него, се проценува на неколку милиони евра. Од Министерството за земјоделство штетите ги оценија како големи.

Се вели дека виновниците се гасеници кои пристигнале во Франција со жешкиот ветер од Северна Африка, а потоа ги изеле стеблата на лавандата и предизвикале сушење на растенијата. Наместо виолетова, полињата со лаванда, кои се популарни и како дестинации за одмор и мотиви со разгледници, ова лето се сиво-кафеави.

Главно се погодени департманите Прованса, Воклуз и Дроме – а особено традиционалните области за одгледување во планините, што значи токму областите каде што земјоделците тешко можат да одгледуваат нешто друго, вели Обанел.

Тоа што многу повеќе се погодени планинските обработливи површини се должи на тоа што таму жетвата почна подоцна. Обанел проценува дека најмалку 50 проценти од посевите се изгубени од штетната гасеница во планинската област на регионот Дроме.