11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

(Видео) Спасувачите што ги пронајдоа остатоците од подморницата „Титан“: по речиси три месеци од катастрофата, сѐ уште има отворени прашања

Потрагата по подморницата „Титан“ беше една од централните теми на светските медиуми неколку дена во јуни. Туристички брод, кој превезуваше пет патници до потонатиот брод „Титаник“, изгубил контакт со површината, исчезнал од радарите, а спасувачите почнаа трка со времето за да го спасат екипажот.

Сега првпат, спасувачите, што ги пронајдоа остатоците од подморницата „Титан„ на Оушнгејт, изјавија за „Скај њуз“ како се одвивала потрагата и го опишаа моментот кога сфатиле дека се изгубила сета надеж.

Бродот исчезна на 18 јуни додека беше на обиколка на потонатиот брод „Титаник“ на 3.800 метри под површината на Атлантскиот Океан. Цената на експедицијата била 250.000 долари од човек, а потрагата по знаци на живот траела четири дена.

Меѓу патниците беше и извршниот директор на „Оушнгејт“, Стоктон Раш. Заедно со Раш, таму беа таткото и синот Шахзад и Сулеман Давуд од Пакистан, кои живеат во Британија, потоа британскиот милијардер Хамиш Хардинг и францускиот пилот на подморница, Пол-Анри Наргеолет.

Имаше надеж дека по некое чудо трупот на подморницата е недопрен и дека тие внатре сѐ уште се живи и чекаат помош. Но, кога тимот предводен од експертот за морски длабочини, Џеси Дорен, конечно, ги доби резултатите, тие немаа добри вести. На речиси 500 метри од лакот на „Титаник“ е пронајдено поле со отпад со делови од „Титан“.

„Нашиот единствен фокус беше да стигнеме до нив што е можно побргу. Немаше прашање, ако беа таму, ќе ги земевме. Цело време мислевме на нив и нивните семејства. Знаевме дека имаме само еден обид“, рече тој.

По неколкудневни истражувања и напори за спасување, спасувачката подморница „Одисеј“ стигна до морското дно. Спасувачкиот тим потоа замолчел бидејќи знаел што пронашле. „По пристигнувањето на полето со отпад, дојде до пауза“, се сеќава Ед Касано, директор на компанија за истражување на длабочините на морето вклучена во спасувањето.

Подморницата претрпе катастрофална имплозија, односно силен колапс навнатре, заклучија американските власти. Сите пет лица во бродот биле убиени веднаш.

„Сите се професионалци, но тоа влијаеше на нас. Ни требаше еден момент навистина да разбереме и да размислиме што значи тоа“, додаде тој.

„Поминавме четири или пет дена очекувајќи да одиме таму и да направиме чудо“, вели Дорен. „Очигледно, нашето чувство на разочарување е незначајно во споредба со луѓето блиски до семејствата на загинатите.

Неколку дена подоцна, Ед Касано им се обрати на медиумите за да опише што се случило. Тој се извини и рече дека членовите на неговиот тим се справуваат со многу емоции.

Поминаа речиси три месеци од катастрофата, но сѐ уште има отворени прашања што се случило и зошто. Истрагата на канадскиот одбор за безбедност на транспортот продолжува. Направени се прелиминарни интервјуа со оние што се наоѓале на помошниот брод на „Оушнгејт“, „Полар принц“, а остатоците од подморницата се прегледани.

Истрагата нема да ја доведе во прашање вината или одговорноста, кривичната или граѓанската, туку се води со надеж дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори.

Спонзорирано: