16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тинејџер бил брутално претепан во Загреб затоа што облеката му била смешна

Тројца малолетници, кои пред неколку дена брутално претепаа младо момче во загрепска Дубрава нанесувајќи му сериозни повреди на главата, вчера се приведени во истражен затвор. Според „Н1“, мотивот за нападот била облеката на младиот човек, која насилниците ја сметале за смешна. Како што рекле по приведувањето, на него забележале белезица и искинати панталони, па се нафрлиле врз него.

Го следеле извесно време во трамвај и автобус. Кога излегол, тргнале по него.

Еден од нив го потапкал по рамото и му побарал запалка. Кога младиот човек почнал да бара по џебовите, едниот напаѓач го оттурнал и тој паднал на земјата. Тогаш малолетникот, кој бил предводник на овој насилен испад, почнал да го удира со клоци во пределот на главата.

Другите двајца му се придружиле, а четвртиот стоел настрана.

Тројца малолетници се осомничени за нанесување тешки повреди за кои законот предвидува затворска казна до пет години. Обвинителството побара притвор за насилните малолетници, што истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб вчера го прифати. Констатирано е дека постои страв оти повторно би можеле да направат кривично дело, иако досега не биле осудувани.

Инаку, овој случај стана познат кога мајката на нападнатиот 18-годишник на својот „Фејсбук“ објави дека четири момчиња го следеле, а потоа го претепале син ѝ, кој добил повеќе повреди на главата и телото. Таа изјавила дека случајот бил пријавен во полиција и побарала помош од соседите и познајниците доколку имаат информации за напаѓачите. Во овој момент сите напаѓачи се идентификувани.