14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вјоса Османи: Ако 20 отсто од гласачите потпишат петиција, ќе има нови избори на северот од Косово

Ако дваесет отсто од гласачите ја потпишат петицијата за одржување нови избори, гласањето во општините со српско мнозинство на северот од Косово би можело да се повтори, вели претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Османи смета дека петицијата е најдемократскиот начин на кој може повторно да се организираат изборите.

„Мислам дека на овој начин би обезбедиле и учество на Србите токму затоа што барањето за повторување на гласањето би дошло од граѓаните“, истакна таа.

Смена на градоначалниците со петиција би била еден вид референдум што ќе го отвори патот за одржување второ гласање за избор на нови градоначалници, тврди Османи и додава дека сè може да се заврши за неколку месеци.

Сепак, не е јасно дали српските гласачи ќе ја поддржат петицијата.

Речиси една деценија по крајот на војната таму, Србите во северниот дел на Косово не ја прифаќаат декларацијата за независност од Србија во 2008 година и сè уште го сметаат Белград за свој главен град.

Османи, пак, вели дека, пред да објави нови извори, ќе бара гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша опишувајќи го српскиот претседател Александар Вучиќ како „крал на драмата“.

„Вучиќ на повеќето средби е вистински крал на драмата. Така што, се разбира, повторно се обиде да создаде многу драма, но не даде идеи што ќе придонесат за мирот и стабилноста во регионот“, посочи Османи коментирајќи ја средбата со Вучиќ во Молдавија минатата недела со посредство на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Османи се пожали и дека претседателот на Србија „се преправа дека прави големи отстапки, дека трпи преголем притисок врз себе, дека страда, дека е во опасност“ итн.

„Но таквите преправања треба да се остават пред врата по четиригодишна возраст“, посочи таа.

Србија ги негира обвинувањата на Косово дека ги спречила српските кандидати да учествуваат на изборите и наводите дека демонстрантите што се судрија со војниците на НАТО и косовската полицијата на 29 мај биле испратени од Белград.

Додека тензиите меѓу Србија и Косово тлеат од последните избори, НАТО ги зајакна своите мировни сили на северот од земјата, а Османи нагласи дека сака тие мировни трупи да останат сè додека Косово не биде примено во НАТО.

Спонзорирано: