8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ санкционира седуммина Молдавци за дестабилизирачки дејства

Европската Унија вчера воведе санкции за седум лица од Молдавија за активности за кои вели дека го дестабилизираат и го поткопуваат територијалниот интегритет на малата сиромашна земја, сосед на Украина, пренесува „Еурактив“.

ЕУ ги објави казнените мерки два дена пред најавената средба на повеќе од 40 европски лидери во Кишињев во знак на поддршка за поранешната советска република со прозападна влада, која ја осуди руската инвазија на Украина.

Тројца од санкционираните Молдавци побегнале од Молдавија, а двајца се соочуваат со обвиненија поврзани со банкарска измама.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека седумтемина санкционирани Молдавци се одговорни за дејства насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија и на Украина.

Унијата, која безрезервно ја поддржуваше молдавската претседателка Маја Санду од нејзиниот избор во 2020 година, објави и дека го удвојува грантот за макроекономска поддршка за земјата на 290 милиони евра.

Санду ја обвинува Москва за заговор за поткопување на Молдавија.

„Овие луѓе што не се согласуваат со нашите закони го предадоа и продолжуваат да го предаваат националниот интерес, го ставија развојот на Молдавија под закана и работат во корист на Кремљ“, напиша таа на социјалните мрежи.

Цел на санкциите на ЕУ се Влад Плахотниук, кој се смета за организатор на измама тешка милијарда долари во 2014-2015 година, и Илан Шор, неговиот проруски соработник, кој организирал масовни антивладини протести од Израел, каде што е во егзил.

Шор, финансиски магнат осуден на 15 години затвор од молдавскиот суд во април, ги отфрли мерките на ЕУ и ја обвини Санду дека ја води земјата кон банкрот.

„Молдавија е неутрална држава и треба да се однесува во согласност со она што е напишано во уставот“, изјави тој за руските медиуми.

На списокот е и Марина Таубер, висок член на партијата на Шор и главен организатор на протестите.

Неколку илјади демонстранти, кои ги осудуваат прозападните водачи на Молдавија, маршираа минатата недела низ главниот град на поранешната советска држава шести пат и поставија нов шаторски камп неколку дена откако полицијата расчисти сличен камп.

Спонзорирано: