10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Неуспешното лансирање шпионски сателит на Северна Кореја предизвика паника во Сеул и Јапонија

Северна Кореја соопшти дека првото лансирање на нејзиниот воен вселенски сателит било неуспешно и дека паднал во морето.

Пјонгјанг претходно најави дека планира да лансира сателит за следење на воените активности на САД до 11 јуни, а сега најави дека ќе се обиде и второ лансирање што е можно поскоро, јавува Би-би-си.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, остро го осуди лансирањето воен сателит од страна на Северна Кореја. Тој најави дека секое лансирање од страна на Пјонгјанг со користење технологија на балистички ракети е во спротивност со релевантните резолуции на Советот за безбедност.

Белата куќа соопшти дека го осудува лансирањето на Пјонгјанг во вселената користејќи технологија на балистички ракети и ја проценува ситуацијата во координација со сојузниците, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Адам Хоџ.

Лансирањето на севернокорејскиот сателит денеска заврши неуспешно испраќајќи го засилувачот и товарот во морето, објавија државните медиуми во Пјонгјанг. Новата сателитска ракета за лансирање „Чолима-1“ откажа поради нестабилност на моторот и системот за гориво, објави новинската агенција КЦНА.

Лансирањето предизвика лажна тревога во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, а во Јапонија беше издадено предупредување до жителите во јужниот дел на земјата во областа Окинава.

Во Сеул настана хаос и збунетост кога луѓето се разбудија од звукот на сирената за воздушен напад и итна порака да се подготват за евакуација, а 20 минути подоцна им беше кажано дека предупредувањето било испратено по грешка, јавува Би-би-си.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека проектилот можеби се распаднал во воздух или се урнал откога исчезнал од радарот и објави фотографии од остатоците пронајдени во морето.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека Северна Кореја, најверојатно, лансирала балистичка ракета и дека владата ги анализира деталите, но засега нема извештаи за штета.

Спонзорирано: