14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Француските десничари бараат референдум за контрола на имиграцијата

Потребен е референдум за имиграцијата за да се врати контролата врз миграциската политика, бараат двајца пратеници од француската десничарска партија Републиканци, кои зборуваат за контекст на миграциски хаос, пренесува „Еурактив“.

Прашањата за миграцијата се жешка тема во Франција, особено откако министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин ја нарече италијанската премиерка Џорџа Мелони неспособна да го контролира миграцискиот феномен.

Во написот објавен во „Журнал ду диманш“ во неделата, пратениците Орелиен Прадиe и Пјер-Анри Димон посочија дека сакаат да ја вратат контролата врз миграциската политика признавајќи дека политиката на квоти што десницата ја брани долго време не соодветствува на предизвикот.

Освен тоа, тие велат дека треба да се направи повеќе на полето на миграцијата осудувајќи ја притоа големата политичка оставка во контекст на миграцискиот хаос, кој постепено го опфаќа секојдневниот живот на Французите.

Прадиe и Димон со своите предлози сакаат да ја зголемат стапката на враќање на нелегалните мигранти, особено со автоматско замрзнување на одобрувањето визи, дозволи за престој, трансфери на пари и јавна помош за развој за која било земја што не издава најмалку 50 % од конзуларните карти неопходни за протерување.

Според нив, мигрантите мора да докажат дека легално живеат во земјата за да имаат пристап до бенефиции, како што се помош за домување и минимална старосна пензија.

Прадиe и Димон исто така предлагаат повторно воведување мерка, со која би се предвидувало протерување на луѓето без француско државјанство, кои се/биле предмет на кривичен прогон по издржувањето на затворската казна.

„Одбивањето да се врати контролата врз миграцијата значи да се дозволи распад на националниот пакт “, напиша Прадие во неделата на „Твитер“.

Нивниот предлог за референдум веќе наиде на критики, вклучително и од претседателот на Сенатот, Жерар Ларше, кој им е сопартиец.

„Не можам да бидам за такво нешто бидејќи тоа е уставно невозможно“, објасни Ларше за РТЛ потсетувајќи дека ваков вид референдум е резервиран за организирање на јавните овластувања како и за социјалната, економската и за еколошката политика, а не за миграциските прашања.

Освен тоа, за референдумот да биде успешен, потребна е поддршката од најмалку 185 пратеници и една десетина од гласачите (4,87 милиони). Резултатите од таков референдум мора да бидат потврдени и од Уставниот совет.

Ниту еден ваков референдум досега – беа воведени во 2015 година – не беше успешен, вклучително и оној против пензиската реформа неодамна организиран од француската левица.

Прадие и Думон, кои исто така беа против пензиските реформи, ќе треба да го поднесат барањето за референдум во наредните недели.

Спонзорирано: