23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Мицкоски: Договорот за Коридорот 8 е сериозен грабеж на Ковачевски и Груби, цените се 3 пати повисоки

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата во Аеродром, одговорајќи на новинарско прашање за споредба на проектот за делови од коридорите 8 и 10 д со други проекти, истакна дека проектот ќе надмине 2 милијарди евра и станува збор за сериозна пљачка и прашува колку доживотни има ако за еден долар има неколку доживотни. Според него, има огромна разлика по чинење километар со други проекти, но и огромна разлика само за ископот на земја.

Во договорот што го потпишала државата со изведувачот за делови од коридорите 8 и 10 д ископот на површински слој со вклучен транспорт до 15 километри е некаде околу 7,36, односно 7,5 евра за кубен метар. Ист таков договор домашна компанија еден месец претходно потпишала таков договор со Јавното претпријатие за државни патишта за делницата граничен премин Блаце – Село Блаце за 2,32 евра за кубен метар. Повеќе од три пати поевтина цена. Станува збор за милиони кубни метри и ако разликата е 5 евра за кубен метар и имате 2, 3 или 4 милиони кубни метар, колкава е разликата и каде ќе завршат тие пари. Станува збор за огромна разлика, појасни Мицкоски.

Тој додаде дека исто се случува и за ископ на неповршински слој, остатокот од земјата до нивото кое е потребно да биде ископан ровот.

„Ако оваа домашна компанија има потпишано за реконструкција на таков пат цена од околу 4,5 евра за кубен метар, во овој договор за деловите од коридорите 8 и 10 д, таа цена е 8,95 евра за кубен метар, повеќе од двојно. Станува збор за милиони кубици. Ова се само две ставки, а во деновите што следуваат ќе ги наведеме и другите за граѓаните да видат за што станува збор“, рече Мицкоски.

Тој направи споредба и со други автопати што се граделе.

„Проектот на ‘Актор’ за Демир Капија – Смоквица просечно се движи од 5 до 6 милиони евра за километар, проектот на ‘Синохидро’ за Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип со сите анекси нема да надмине од 8 до 9 милиони евра за километар, а овој е повеќе од 20 милиони евра за километар. Кој овде лаже и краде, ова е сериозен проект и сериозна пљачка за многу побогати држави од Македонија, колку доживотни има тука ако за еден долар има неколку доживотни?“, прашува Мицкоски.

Мицкоски изјави дека кога можеле договорот да го добијат пратениците што ги поднеле измените за законите, тогаш може да го добијат и пратениците што имаат безбедносен сертификат и да може да се простудира или да се излезе во јавност на дуел и да се презентира.

Ние го побаравме договорот, велат ќе држеле предавања во парламентот и ќе го објаснеле и тоа ќе било доволно. Претходно, група пратеници, кои по професија се лекари, фискултурни работници, ликовни уметници, психолози, правници, филозофи, на некаков магичен начин го добиле овој ист договор, најверојатно преку свиркач кога бил потпишан, седнале, работеле две недели и им текнало дека овој договор може да се реализира на побрз начин и бидејќи имаат вешти способности во изградба на ваков тип проекти, смисли 9 измени во 9 суштински закони и отишле во Владата и таму Ковачевски и Груби им рекле да ги предложат не во Владата, туку во парламентот. Овие пратеници што имаат безбедносен сертификат може да добијат две недели да го простудираат договорот, а не некој да им држи лекции. Зошто да криеме, да излеземе, јас со договорот добиен од свиркач, а Ковачевски со неговиот, и да дебатираме, сепак калкулациите велат за повеќе од 2 милијарди евра. Односно, цената без вкалкулирани дополнителни трошоци е помеѓу 2 и 2,3 милијарди евра, рече Мицкоски.