20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Советот на Европа: Присилното носење украински деца во Русија е геноцид

Присилното пренесување украински деца во Русија од страна на Москва претставува геноцид, заклучи Советот на Европа во четвртокот во резолуцијата усвоена од неговото парламентарно собрание, пренесува „Еурактив“.

Барајќи безбедно враќање на децата во Украина, ПССЕ истакна дека „документираните докази за оваа практика се совпаѓаат со меѓународната дефиниција за геноцид“.

Конвенцијата за геноцид од 1948 година, меѓу нејзините дефинирачки критериуми, го опфаќа и принудното преселување деца.

Резолуцијата во СЕ беше изгласана со 87 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“. Линда Хофштад Хелеланд од норвешката ЕПП гласала против, а Харалд Вејел од германската АфД бил воздржан.

Киев во средината на април алармира дека од почетокот на руската инвазија на 24 февруари минатата година повеќе од 19.000 украински деца биле киднапирани и однесени во Русија. Се вели дека многу од нив биле сместени во згрижувачки домови.

Во резолуцијата на СЕ од четвртокот се вели дека постојат докази оти „депортираните деца се соочиле со процес на русификација преку превоспитување на руски јазик, култура и историја“.

„Овие трансфери на украинските деца биле јасно планирани и организирани на системски начин како државна политика со цел да се уништат секоја врска и карактеристика на нивниот украински идентитет“, се вели во резолуцијата.

ПССЕ ги повика Обединетите нации и Црвениот крст да издејствуваат пристап за да може да соберат информации за засегнатите деца.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави резолуцијата како важна одлука што ќе помогне да се бара одговорност од Русија и нејзините лидери.

„Депортацијата на украинските деца е еден елемент од обидот на Русија да го избрише идентитетот на нашиот народ, да ја уништи самата суштина на украинскиот народ“, истакна Зеленски во вечерното обраќање.

На 17 март Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин наведувајќи ја како причина незаконската депортација на деца. Судот издаде и потерница по Марија Лавова-Белова, рускиот претседателски комесар за правата на децата.

МКС го обвини Путин и за воени злосторства извршени во Украина.

Москва, од своја страна, го оправдува префрлањето на украинските деца во Русија како хуманитарна кампања за заштита на сираците и децата напуштени во воената зона иако во резолуцијата се истакнува дека Москва почнала со незаконската практика од сиропиталиштата и центрите за грижа уште пред инвазијата.

Децата што живееле под институционализирана грижа биле депортирани со правдање за евакуација од областите зафатени од војна. Други деца, пак, биле одвоени од своите семејства во филтрациски кампови.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, минатиот месец истакна дека налозите на МКС се бесмислени бидејќи Русија не соработува со судот.

По инвазијата на Украина, Русија го избегна и исфрлањето од Советот на Европа најавувајќи дека повеќе нема да учествува во неговата работа, и тоа неколку дена откако паневропското тело за човекови права ги суспендира правата на застапување на Москва.