Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Ходорковски: Трета светска војна е единственото нешто што ќе го спречи Путин

Еден од најголемите противници на рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот дека НАТО неизбежно ќе биде вовлечен во војна со Русија.

Рускиот опозиционер во егзил, Михаил Ходорковски, верува дека нема да има друг начин, освен „трета светска војна да го запре диктаторот“, а Западот размислува да му испрати воени авиони на Володимир Зеленски.

„Членките на НАТО и Западна Европа ќе мора да се борат“, изјави некогаш најбогатиот Русин.

Ходорковски вели дека членките на НАТО, порано или подоцна, ќе мора да влезат во вистинската борба.

„Колку побргу го сфатат тоа, толку подобро бидејќи Путин нема да запре. Единственото нешто што ќе го спречи е смртта“, рекол Ходоровски, пренесува „Дејли мејл“.

Како што вели, Путин би можел кратко да паузира за да ги „свари“ освоените територии и наведува дека Путин потоа ќе продолжи со нападот и ќе ги мобилизира луѓето на местата што ги освоил.

Ходорковски беше во затвор речиси една деценија откако имаше „несреќа“ со претседателот на Русија. Тој беше помилуван во 2013 година по што ја напушти Русија и сега е во егзил во Велика Британија.

Ходорковски сугерира дека „првата година од војната беше само тест“ и дека „сè допрва почнува“.

Ходорковски беше најбогатиот човек во Русија во 2003 година, а неговото богатство беше проценето на 15 милијарди долари, потсетуваат медиумите.

Тој беше уапсен во 2003 година под обвинение за измама и затајување данок, а десет години подоцна беше помилуван.