23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

ЕУ воведува нови санкции за Русија, тензии меѓу членките

Европската Унија планира да предложи задолжително постепено укинување на увозот на јаглен од Русија како директен одговор на извештаите дека руските сили извршиле очигледни воени злосторства во Украина, изјавија извори за „Блумберг“.

Предлогот треба да биде вклучен во пакетот чекори насочени кон зајакнување на постоечките мерки и корекција на „дупките во законот“ за кои амбасадорите на ЕУ веќе треба да разговараат оваа недела.

Деталите за забраната и времето на повлекување на јагленот сè уште се дебатираат, велат изворите. Се очекува и Европската комисија да предложи забрана за влез на повеќето руски камиони и бродови во ЕУ, додаваат извори.

Нема санкции за нафтата и гасот
ЕУ засега нема планови да санкционира нафта или гас. Но, земјите од Унијата се длабоко поделени околу следните чекори, а некои влади продолжуваат да бараат барем сигнал дека блокот сака да го намали увозот на руска нафта, рече еден извор.

Неколку влади, вклучително и Германија и Унгарија, се спротивставиле на продолжувањето на санкциите за енергетскиот сектор на Русија, но обвинувањата дека руските трупи убиле многу невооружени цивили доведоа до обновен притисок од некои членки на источниот блок да се воведат такви санкции.

Одобрувањето на пакетите и забраната за увоз на јаглен бара поддршка од сите 27 земји членки.

Кои се другите санкции?
Како дел од истиот предлог, ЕУ сака да ја прошири контролата на извозот на повеќе технологии кои се користат во одбранбениот сектор и другите клучни индустрии.

Извршната власт на Европската Унија, исто така, предлага да додадат уште десетици луѓе и ентитети на списокот на санкционирани поединци и компании, вклучително и банки како VTB Bank PJSC, кои се отсечени од глобалниот систем на SWIFT, но сè уште не се целосно санкционирани.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оваа недела ќе го посети Киев за да се сретне со украинскиот претседател Зеленски.

Фон Дер Лајен објави листа на санкции
Фон дер Лајен на Твитер објави список со санкции што ЕУ ќе ги воведе кон Русија:

Забраната за увоз на јаглен од Русија, во вредност од 4 милијарди евра годишно, намалува уште еден важен извор на приходи за Русија.

Целосна забрана за трансакции за 4 клучни руски банки, вклучително и ВТБ, втора по големина руска банка.

Забрана за пристап до руски бродови до пристаништата на ЕУ и забрана за руски и белоруски патни превозници.

Понатамошни забрани за извоз, во вредност од 10 милијарди евра, во клучни области: напредни полупроводници, машини и транспортна опрема

Специјални нови забрани за увоз, вредни 5,5 милијарди евра.

Целни мерки, како забрана за учество на руски компании во јавните набавки во ЕУ и исклучување на каква било финансиска поддршка, ЕУ или национална за руските јавни власти.