Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

(Видео) Пендаровски: Граѓаните да се вакцинираат во што поголем број

Претседателот Стево Пендаровски беше во општина Штип, каде што ги посети вакциналниот пункт и модуларната болница за ковид-пациенти.

Во вакциналниот пункт во просториите на Здравствениот дом „Панче Караѓазов“, претседателот Пендаровски беше информиран за текот на процесот на вакцинација на граѓаните, која во моментот се врши на лица над 77 години во согласност со државната стратегија за вакцинација.

Пендаровски се запозна со условите на овој вакцинален пункт, кој има 4 позиции за вакцинација, на кои се имунизираат по 40 граѓани на ден, а е предвидено во оваа фаза да се вакцинираат 400 лица со вакцината на „Астра зенека“. Во процесот на вакцинација на граѓаните на овој вакцинален пункт помагаат и волонтерите на Црвениот крст од Штип.

Претседателот порача дека сите ние треба да покажеме максимална одговорност и совест за да се заштитиме себеси, најблиските и ранливите групи.

„Она што го баравме и што почна вчера мора да продолжи во континуитет. Ги повикувам граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, да не се плашат, да не подлегнуваат на лажни вести, да не веруваат во разноразни измислици. Како и насекаде во светот, масовната имунизација е единствен начин да се справиме со коронавирусот и да ја надминеме пандемијата на Ковид-19“, порача Пендаровски.

За време на посетата, претседателот Пендаровски ја посети и модуларната болница за ковид-пациенти во Штип и оствари средба со директорот на Клиничката болница во Штип, која има капацитет од 100 кревети, и 47 кревети во модуларната болница, а здравствениот персонал брои околу 200 лица. Претседателот беше информиран за моментната состојба на заболени во оваа општина, како и за грижата и укажувањето здравствена заштита на граѓаните, при што изрази благодарност за целосната посветеност и за максималниот ангажман на здравствените работници и им оддаде признание за пожртвуваноста и професионалноста.

Претседателот Пендаровски оствари средба со надлежните од општинскиот кризен штаб за заштита и спасување при Општина Штип, на која разговараа за мерките за превенција и заштита на здравјето на граѓаните.

Спонзорирано: