23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАИЗБОР

Зошто земјата на таткото на имунизацијата денеска е најголем скептик за вакцините?

Франција е дом на таткото на имунизацијата Луј Пастер, но денеска е меѓу земјите каде живеат највеќе противници на вакцинацијата и државата се соочува со бројни отпори додека се подготвува за една од најголемите кампањи за вакцинација во нејзината историја.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, веќе изјави дека има намера да почне со вакцинирање на оние кои се најмногу изложени на вирусот на почетокот на 2021 година, а пошироката популација од април до јуни.

Но, тој има тешка задача – да убеди доволно луѓе да се вакцинираат за да создадат имунитет на стадо, праг што ја штити целата популација од вирусот.

Истражување објавено во весникот Le Journal du Dimanche за време на викендот покажува дека само 41 процент од Французите планираат да вакцинираат во споредба со 58 проценти од жителите на САД.

Макрон го отфрли повикот на лидерот на Зелените, Јаник Жадот, да воведе задолжителни вакцини и рече дека се надева оти ќе ги убеди луѓето во транспарентноста на процесот.

Франција одамна е позната како нација на таблети и пилули со една од највисоките стапки на употреба на антибиотици и антидепресиви во светот, но Французите во последните години стануваат сè посомничави кон фармацевтската индустрија.

Протестното движење Жолти елеци кое изби околу воведувањето на данок на гориво кон крајот на 2018 година, ја зајакна теоријата на заговор дека владата е зависна од фармацевтските компании. Овие теории се засилија по зголемувањето на бројот на задолжителни вакцини во 2018 година за деца на возраст од три до 11 години.

Истражување на „Галуп“ спроведено на 140.000 луѓе во 44 земји покажува дека Французите се најскептични во однос на вакцината во светски рамки, а секој трет Французин не верува во безбедноста на вакцината.

Анкетата на весникот Le Journal du Dimanche покажува дека скептицизмот е најсилен кај приврзаниците на екстремно десничарските и крајно левичарските политички партии и двжења.

Многу Французи негодуваат на масовните кампањи за вакцинирање и по вакцинацијата против свински грип во 2009 година кога државата уништи милиони вакцини кои останале неискористени, губејќи притоа стотици милиони евра.

Според Џоселин Рауд, професорка во училиште за јавно здравје во Рен, аферата со свинскиот грип била причина за промена на јавното мислење.

Бројни лекари и фармацевти предводени од хирургот Анри Џојекс, со седиште во Монпелје, започнаа кампања против вакцинација.

Џојекс, кого го следат 175.000 луѓе на Фејсбук, му даде кредибилитет на движењето против вакцинација, објаснува Рауд.

На својата веб-страница, тој ја споредил трката за вакцината против Ковид-19 со трката за вооружување меѓу САД и Советскиот Сојуз.

Географката Луси Гуимие, која го истражувала антивакцинското движење во својот труд, истакнува дека тоа е најмоќно во Марсеј, родното место на Дидие Раулт, професор кој го промовирал лекот против маларија – „хлорокин“ како лек за коронавирус.

„Идејата зема замав и сега тоа е бунтовнички град против централната држава. Факт кој е прилично опасен во однос на јавното здравје“, вели Гуимие.

Заменик-градоначалничката на Марсеј, Самија Гали, е исто така меѓу скептиците за вакцината.

Спонзорирано: