10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАМАКЕДОНИЈА

Чулев ќе предложи ограничувањето на движењето од 19 до 05 часот да важи и за време на викендите

Министерот за внатрешни работи во Владата на Северна Македонија, Наќе Чулев смета дека мерките за ограничување на движењето може да се релаксираат. Тој ќе предложи движењето да биде ограничено од 19 до 05 часот и тоа да важи и за време на викендите. Постарите лица би се движеле од 05 до 12 часот, а младите од 13 до 19 часот.

-Денеска имавме Главен координативен кризен штаб на Влада и на него беше дискутирано во која насока би се олабавувале мерките и имаше неколку предлози. Во текот на денот немаше седница на Влада, меѓутоа за утре е закажана седница на Влада во 15 часот и јас очекувам дека утре Владата ќе донесе одлука во насока на олабавување на мерката за забрана за движење. Новите мерки јас мислам дека веќе од утре или најдоцна од задутре, веднаш после објавувањето ќе се применуваат, вели Чулев.

Ова го изјави вечерва и во емисијата „Топ тема”.

– Мерката за забрана за движење е воведена на 22 март и веќе поминаа 30 дена. Претходниот викенд имаше најдолго ограничување на движењето од 85 часа и како Министерство за внатрешни работи кое секојдневно е присутно на терен можевме да утврдиме дека има зголемено негативно влијание врз социјалната состојба кај граѓаните, се чувствува тензија. Истовремено и совеста кај граѓаните во однос на личната заштита е на многу повисоко ниво. Така што тргнувајќи од овие два аспекти, а и од тоа дека нема некое драматично зголемување на бројот на заразените, сметам дека ограничувањето на движење треба да биде од 19 до 05 часот и тоа да важи и за викендите, рече Чулев.

Најави дека ќе предложи и укинување на забраната за движење по шуми и паркови, но притоа да се носи заштитна опрема.

– Јас сум да се носи заштитна опрема, но за сметка на тоа да се релаксира ограничувањето на движењето. Нормално да се почитува и препораката за држење на растојание од два метра, истакна Чулев.

Спонзорирано: