Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Стефанова: Дејствијата на Јанева нанесоа огромна штета на СЈО

Дали Катица Јанева е виновна за кривичното дело што се суди, ќе си одлучи судечкиот совет што ја води оваа постапка. Но, без разлика каква пресуда ќе биде донесена, дејствијата за кои Јанева е на обвинителната клупа предизвикаа огромна штета на сметка на специјалното обвинителство и разочараност кај целата правдољубива јавност во државата, изјави обвинителката Лиле Стефанова, по завршувањето на сведочењето за „Рекет“.

Стефанова кажа дека нема да коментира во однос на исказот кој го дала во судница и дека одговарала на сите прашања кои ѝ биле поставени. Уште еднаш повтори дека нема никаква поврзаност со случајот „Рекет“.

„Јавноста има доволно време и доволно информации да се сфати дали јас како предметен истражител во случајот „Империја“ и вработена во СЈО имам било каква поврзаност со дејствијата за кои Јанева денес седи на обвинителните клупи“, рече Стефанова.

Таа вели дека е разочарана што на овој начин неосновано се дискредитирани предметите и работата на ова обвинителство.

„Се покажа дека ако сте лице коие има политичка и општествена моќ ќе најдете начин преку вршителите на функциите во правосудниот систем да си ја олесните својата положба во кривичните постапки и преку преговори и договори да најдете начин да ја избегнете кривичната одговорност“, вели обвинителката Стефанова.

Таа додава дека забрзано се работи на случајот „Империја“ за да добие на ефикаснот и наскоро очекува предметот да добие епилог со донесување на јавнообвинителска одлука./Makfax