16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кривичниот суд бара да се истражат заканите од адвокатите во случајот ТНТ

Кривичниот суд побара од Адвокатската комора, МВР и од Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судијата поротник Лилјана Ивановска-Кочкова од страна на адвокатите на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, и на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во случајот ТНТ.

„Зачудува фактот што јавните закани, т.е. притисоци, се генерирани од поединци што се странки во судска постапка. Изненадува нивниот неетички и непрофесионален однос, кој е без почит кон судот и е надвор од надлежностите на еден адвокат бранител на обвинет. Притисок/закана со поднесување кривична пријава кон судски поротник, кој активно учествува во водењето на судската постапка и учествува во носењето на одлуката, е сериозен акт и класичен пример на атака врз независноста и непристрасноста на судското одлучување дотолку повеќе што во конкретниот случај заканата е генерирана од адвокат кој е учесник во истиот судски предмет во кој постапува нападнатиот судија поротник“, се вели во соопштението.

Доколку странките имаат забелешки на работењето на судот, постојат правни лекови и законски инструменти со кои може да се побиваат судското постапување и судските постапки. Заканите и притисоците, особено во време на активна судска постапка, не смее и не може да биде опција во една демократска држава, во која сите тежнееме кон владеење на правото.

„Општо познато е дека обврска на судијата поротник е да ја извршува својата функција сè додека не биде разрешен од страна на Судскиот совет на РСМ, што е во согласност со Законот за судовите. Во тој правец е и досега воспоставената пракса за разрешување судии и судии поротници создавана преку т.н. common sense и common low.

Како суд укажуваме дека ќе инсистираме на судење во разумен рок, што е законска обврска, но и интерес на обвинетите што тежнеат да ја докажат својата невиност, како и на оштетените што ги бараат своите права. Судењето во разумен рок е во интерес и на правната држава и владеењето на правото. Во правец на горенаведеното е и барањето да се продолжи мандатот на конкретниот судија поротник бидејќи нелогично е и неиздржано е поротник кој 2,5 години посветено учествувал во судската постапка да се разреши поради истекување мандат, што би иницирало постапката да почне одново.

Имајќи го предвид горенаведеното, очигледно е дека поединци/адвокати се вистински кочничари на оваа судска постапка, па дури во дадена ситуација може да се каже дека работат и спротивно на интересите на обвинетите. Во таа смисла судот го перципира и инсистирањето на друг адвокат од истата постапка, кој и покрај фактот што тој лично во мноштво други судски постапки го користел исклучиво службениот јазик, чие активно користење е услов за добивање на адвокатска лиценца, во согласност со Законот за адвокатурата, во оваа постапка инсистира да го користи својот мајчин јазик, кој дури ни неговиот клиент не го разбира. Какви било отстапки од ЗКП, кој го регулира користењето на јазиците во судската постапка, може да повлече низа опструкции во сите други судски предмети во државата, што може да доведе до колапс на правосудниот систем.

Ова обраќање на Кривичниот суд има една и единствена цел, а тоа е да се избегне вршење опструкција во работата на судските предмети што се во завршна фаза и оневозможување да се одолжат судските постапки во смисла на повторување или застарување. Судот цени дека оваа пракса мора да престане и да прекине, а цени дека на тој начин ќе се придонесе во реформирањето на судскиот систем“, се вели во соопштението.

По двете писма упатени на претседателот на Судскиот совет во врска со пензионирањето на поротничката во случајот ТНТ, адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, во овој процес, испрати отворено писмо до претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев. Писмото следува како реакција на Судот, во кој се бара од институциите да се испита дали адвокатите во ТНТ се закануваат и вршат притисок на судиите.

„Писмата испратени до судот и до судијата поротник не се никакви закани нити притисоци, само се укажувања во согласност со важечките закони во Македонија и тие се со една единствена цел за доследно почитување и владеење на правото“, се вели во писмото на адвокатот./makfax