23.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Шекеринска: Годинава 12 милиони денари за набавка на спортска опрема за припадниците на АРМ

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска од касарната во Тетово им честиташе на припадниците на Армијата за вчерашниот историски момент во кој нашата татковина по три декади, конечно и заслужено седнува на главната маса на НАТО. Министерката информираше дека годинава повеќе од 12 милиони денари се насочени кон набавка на спортска опрема за припадниците на АРМ, односно дека ќе се набави една третина од спортската опрема која ќе ги опфати буквално сите припадници на Армијата.

„Сакам да ве информирам дека минатата недела донесовме правилник со кој Армијата презема обврска, за да ја поттикне поголемата физичка подготвеност на припадниците на Армијата, да обезбеди спортска опрема која досега не е обезбедувана за припадниците и тоа во рок од следните 3 години“, рече Шекеринска и додаде дека војската заслужува повеќе средства и повеќе внимание.

Шекеринска им честиташе на сите припадници на Армијата за високите пофалби коишто вчера ги даде генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтеберг, кој спомена дека нашата Армија е еден од големите аргументи за нашето членство во НАТО и дека учеството на припадниците на Армијата во досегашните операции и мисии на НАТО покажа дека Македонија го заслужува своето место во алијансата.

Министерката потенцираше дека грижата за АРМ последните две години се покажува на дело – две години по ред растат платите на припадниците на АРМ, решен е проблемот со чизмите и униформите, а најави и дека оваа година Министерството ќе се посвети на почетокот на модернизацијата во различни делови на Армијата.

Министерката за одбрана, заедно со заменикот-министер Беким Максути и заменик-началникот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин во Тетово се сретнаа со командантот и командата на касарната „Кузман Јосифовски – Питу“.